Целта на анкетната комисија за Онкологија е да се докаже вистината на виделина, вели Панова, за граѓаните да се сигурни дека ја добиваат вистинската терапија

Извештаите од државниот завод за ревизија даваат надеж дека не сите институции се подлежни на влијанија од оваа Влада, целта на оваа комисија денес и анкетната комисија е да вистината излезе на виделина, изјави пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова на денешната расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која се разгледува ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија.

„Ваквите извештаи од државниот завод за ревизија ни даваат надеж дека не сите институции се подлежни на влијанија од оваа Влада. Вашата самостојност и вашиот интегритет се доказ дека секоја една институција во Република Македонија може да се издигне на нивото на својата задача и да ја заврши својата работа ако сакаме да имаме држава“, рече Панова.

Таа додаде дека јавноста генерално нема доверба во институциите, па затоа целта со оваа комисија денес и со анкетната комисија е всушност да излезе вистината на виделина.

„Нашата денешна цел е да тоа граѓаните кога ќе отидат на Онкологија да не се прашуваат дали ја добиваат вистинската терапија и во исто време да бидеме сигурни дека парите кои Република Македонија од својот буџет ги одделува за лекови навистина завршуваат за лекови и на крајот се кај граѓаните, а не кај поединци кои градат хациенди, возат мотори, имаат огромно богатство, натрупаа огромно богатство но на тоа еден ден мора да дојде крајот“, потенцираше Панова.