Цементарница Усје: Резултатите од контролата докажаа дека работиме според највисоки стандарди

Цементарница УСЈЕ денеска преку соопштение посочува дека резултатите од вонредната контрола на алтернативното гориво за потребите на компанијата уште еднаш докажале дека работат според највисоките европски и домашни стандарди и дека употребуваат гориво кое е еколошки безбедно.

-Потврдата од независната лабораторија од Естонија, исто така, покажа дека сите спротивни тврдења искажани во јавноста се комплетно неосновани и шпекулативни и дека, за жал, воопшто немаат за цел да се идентификуваат вистинските и реални причинители на состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје, наведуваат од компанијата.

Цементарница УСЈЕ и понатаму, се додава, ќе остане отоворена за граѓаните, граѓанските здруженија и невладиниот сектор кои се заинтересирани за аргументиран и одговорен дијалог.

-Повторно ги повикуваме сите заинтересирани да нѐ посетат и да ги добијат информацииите засновани на факти. Искрено сме убедени дека заедничка цел треба на сите да ни биде точното информирање на јавноста и реални активности за подобрување на состојбите со животната средина во нашиот град, стои во соопштението.