Цената на златото над 2.000, на алуминиумот над рекордните 4.000 долари

Цените на златото и на алуминиумот во понеделникот на меѓународните пазари преминаа нови прагови, од 2.000 односно 4.000 американски долари.

Цената на златото минувајќи го нивото од 2.000 долари по унца, го одразува интересот на вложувачите за сигурни вложувања во услови на руско-украинската војна.

Цените на златото на физичкиот пазар скокнаа за 1,6 отсто, на 2.001,22 долар по унца. Во терминските договори на американскиот пазар, пак, со унца злато се тргуваше по 2 отсто повисока цена, од 2.005,70 долари.

Истовремено во понеделникот цената на алуминиумот во текот на тргувањето достигна рекорд и првпат во историјата се искачи на над 4.073,5 долари за тон, покажуваат податоците од Лондонската берза на металите (LME).

Поттикната од ваквиот раст, акциите на рускиот алуминиумски гигнат „Русал“, кој има силен удел и на американскиот пазар, на Хонконшката берза се зголеми дури за 34,1 отсто на 4,8 хонконшки долари.

Цените на суровините во понеделникот на меѓународните пазари генерално значително растат, поттикнати од стравувањата за натамошно ексалирање на руско-украинскиот воен судир. Така, цената на гасот на берзата во Европа скокна на историски највисокото ниво од 3.600 долари за илјада метри, а скокнаа и цените на нафтата кои подолг период се на највисоките нивоа.

Стравовите на инвеститорите ги поттикна и објавата дека Белата куќа предлага забрана за увозот на нафтата од Русија, што во светската економија може да предизвика стагфлација, што би знечело дека економската активност би стагнирала додека цените и натаму би растеле.

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес од редовите на Демократската партија на претседателот Џо Бајден, Ненси Пелоси, ги извести пратениците со писмо дека се проучува закон со кој поради интензивирање на судирот во Украина ќе се забрани увозот на нафта и други енергенси од Русија.