Цената на златото причина за загубата на НБРМ

Кога цената на златото на светскиот пазар растеше, тоа беше една од главните причини што и нашата централна банка прикажуваше добивки во своите биланси на успех. Сега, пак, падот на вредноста на жолтиот метал и’ донесе на Народна банка на Македонија загуба во работењето, која за минатата година изнесува 135 милиони евра, пишува „Утрински“.

Експертите се категорични дека оваа загуба на НБРМ воопшто не се должи на нејзино полошо работење, туку дека е во целост одраз на пазарните движења на цените, пред се’ на цената на златото на светскиот пазар.

И од НБРМ потенцираат дека загубата се должи на пониската цена на златото во нејзините биланси. Таа е покриена од ревалоризациските резерви, нагласуваат од монетарната власт.

„Според билансот на успех, кој е изготвен според Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ), финансискиот резултат на НБРМ во 2013 година е нето-загуба, во износ од 8.325.156.478 денари, која се должи на нето негативните нереализирани курсни и ценовни промени на златото. Значи, тоа во суштина е пресметана нереализирана загуба поради пониската цена на златото во билансите на Народна банка. Таа загуба е покриена од ревалоризациските резерви, кои во изминатите години, од 2009 до 2012, позначајно се зголемија поради растот на цената на златото“, објаснуваат за „Утрински“ од кабинетот на гувернерот Димитар Богов.

Според билансот на успех на НБРМ, ланската загуба од 135 милиони евра има значаен раст во однос на 2012, кога централната банка имала негативен финансиски резултат од 3,7 милиони евра.

„Според она што го гледам во финансиските извештаи на НБРМ, зголемувањето на загубата не се должи на полошо работење на банката, туку е во целост одраз на пазарните движења. Имено, најголем дел од загубата е генериран од падот на цената на златото, над 60 отсто. Потоа, дел од загубата се однесува на негативни курсни разлики, а двете движења наоѓаат свој одраз врз компонентите од девизните резерви. Веројатно не треба да не се спомнат и движењата кај каматните стапки, односно нивниот понатамошен пад во текот на 2013 година, што предизвика и приходите и расходите од камати кај НБРМ да се намалуваат“, вели, за весникот, универзитетскиот професор, Марјан Петрески.

Тој не гледа простор за загриженост.

„Не сметам дека постои каков било простор за загриженост, со оглед дека ова е обратен процес и импликации врз финансиските извештаи на НБРМ, од она што се случувало кога цената на златото на светскиот пазар растеше“, објаснува Петрески.

Инаку, од билансот на успех може да се види дека приходите од камати на НБРМ лани се намалиле на 3,6 милиони евра, откако во 2012 изнесувале девет милиони. Според познавачите, овде станува збор главно за камата на депозити што се чуваат во странски банки, од девизните резерви на земјата, каде што имаше намалување. Намалени се и расходите за камати, од околу 26 милиони евра во 2012, на близу 22 милиони евра во минатата година, главно поради намалената задолжителна резерва.

Како резултат на овие движења, нето-расходите за камати се зголемени на 18,3 милиони евра лани, наспроти 16,9 милиони во 2012. Но, овој пораст на нето- расходите за камати не учествува многу во вкупната загуба.

Во девизните резерви на земјава, со последна состојба од февруари годинава, вредноста на монетарното злато изнесува 212 милиони евра, во вкупната сума на девизни резерви од 1,987 милијарди евра. На крајот на 2013 монетарното злато имало вредност од 190 милиони евра, откако во јануари истата година вредело 270 милиони евра.