Цените на гасот повторно растат во Европа

Ноемвриските фјучерси за природниот гас во Европа трговскиот ден во четвртокот го започнаа со раст по кусотрајниот период на стагнација откако во септември се катапултираа за над десет пати во однос на истиот период една година претходно, покажуваат податоците од специјализираната берза ICE Futures.

Цените на енергенсот, според индексот на холандскиот TTF кој е најликвидниот европски хаб, го започнаа трговскиот ден со 1.127,5 долари за илјада кубни метри гас. Во текот на натамошното тргување гасот ја достигна и цента од 1.157,5 долари, што е за 3,1 отсто повисоко од пресметаната цена за претходниот трговски ден.

Европскиот пазар на природниот гас последните месеци беше силно потресуван со постојаниот раст на цените. Ако на почетокот од август со фјучерсите се тргуваше по околу 515 американски долари за илјада кубни метри, што исто така беше високо ниво, до крајот на септември цената се зголеми за двојно, а на 6-ти октомври беше достигнат историскиот максимум од 1.937 долари. Потоа следеше пад, но цените сепак останаа над илјда долари.

Аналитичарите оваа ситуација ја објаснуваат главно со три фактора. Европскиот пазар на природен гас во првата половина од годината се соочи со одлив на течен природен гас (LNG) на азиско-пацифичкиот и јужноамериканскиот пазар, чиј удел во увозот падна од 41,5 на 31 отсто. Количински испораките на LNG во Европа во истиот период паднаа за 10,74 милијарди кубни метри или за 15,9 отсто. Истовремено, ваквата ситуација се должи и на испразнетите европски капацитети за складирање по минатогодишната голема потрошувачка поради студената зима.

Од друга страна, Европа станува сѐ позависна од природниот гас поради напуштањето на јагленот и нуклеарната енергија, а Русија и Норвешка, со наведување на договорите и техничките причини за ремонт на системите за испорака привремено ги намалија своите испораки.

За надмунување на кризата не помогнаа ниту природните фактори, како што е слабиот ветер на Северното Море, од каде Велика Британија обезбедува четвртина од својата енергија, како и сушата во Бразил кои ги намали производствените капацитети на хидроцентралите, пишуваше претходно седмицава The Wall Street Journal.