Цените на храната на најниско ниво по две години

Цените на храната паднале во мак на најниското ниво последните две години, имајќи предвид падот на цените на растителните масла, житарките и млечните производи преовладувал над поскапувањето на шеќерот и месото, извести агенцијата за храна FAO при Обединетите нации.

Индексот на цените во кошницата основни прехранбени производи паднал во мај за 3,4 поени во однос на ревидираната вредност во април, лизнувајќи се на 124,3 бодови, најниското ниво од април 2021 година.

Во однос на минатогодишниот март, кога го достигна највисокото ниво откако ФАО ги објавува извештаите, неговата вредност е пониска за 22 отсто.

Најмногу во мај поевтиниле растителните масла, за речиси 9 отсто во однос на април, одразувајќи ги големите залихи и слабата побарувачка на палмино масло.

Значително поевтиниле и житарките, за 4,8 отсто поради зголеменото снабдување и продолжувањето на договорот за извоз на житарките од регионот на Црното Море. ФАО, сепак, предупредува на континуираното поскапување на оризот, делумно поради намалувањето на снабдувањето од некои земји извознички.

Пад покажал и индексот кој го следи движењето на цените на млекото и млечните производи, за повеќе од 3 отсто, одразувајќи го забележителното поевтинување на сирењата и сезонското зголемување на производството на млеко на северната хемисфера.

Шеќерот, пак, во мај поскапел четврти месец по ред, и тоа за 5,5 отсто во однос на април, предизвикано од намалената понуда која ги поттикна стравувањата дека климатскиот феномен Ел Нињо би можел значително да влијае на родот во следната сезона.

Дополнителен поттик за цените на шеќерот биле и доцнењата во испораките поради острата конкуренција на сојата и пченката во Бразил, истакнуваат од FOA. Во однос на минатогодишниот мај, шеќерот поскапел за 31 отсто, покажува извештајот.

Благо во мај поскапело и месото, за 1 отсто во однос на април, што FOA го објаснува со континуирано силната увозна побарувачка на месо од живина во Азија и намалената понуда на говедско во САД.

Во посебен извештај за понудата и побарувачката на пазарите на житарките, FAO прогнозира дека годинава во светот ќе бидат произведени 2,813 милијарди тони житарки, за 1 отсто повеќе отколку лани.

Глобалните залихи на житарки би требало до крајот на сезоната 2023/2024 да бидат поголеми за 1,7 отсто отколку на почетокот и да достигнат рекордни 837 милиони тони, проценува FAАО, додавајќи дека најмногу би требало да пораснат залихите на пченка, ориз и јачмен. Резервите од пченица и сорго ќе бидат пониски отколку на почетокот од сезоната.

Трговијата со житарките би требало во сезоната 2023/2024 да се задржи на нивото од сезоната која истекува, имајќи предвид дека зајакнатиот обем на тргување со житарките, како што е пченката и оризот, ќе биде противтежа на намалениот обем на трговијата со пченицата.