Цените на нафтата и натаму над 82 долари

Цените на нафтата на меѓународните пазари во вторникот останаа нa нивото од 82 долари за барел, балансирајќи меѓу стравувањата од ширење на конфликтот на Блискиот исток и стравувањата дека високите каматни стапки можат сериозно да ѝ наштетат на економијата и побарувачката на енергија.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попледневното тргување беше за 46 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето во понеделникот и изнесуваше 82,46 долари. Речиси за исто толку поскапе и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 77,44 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во понеделникот цената на барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки била речиси непроменета во однос затворањето на тгрувањето во петокот на 81,43 долари.

Трговците ги следат преговорите за прекин на непријателствата меѓу израелските вооружени сили и палестински Хамас во разорената палестинска енклава Појас Газа. Фунцкионери од САД, Египет, Израел и Катар се очекува да се состанат во Каиро подоцна во текот на денот за повторно да ги разгледаат опциите за примирје. Израел најави офанзива на југот на Појасот Газа, долж границата со Египет, каде повеќе од милион Палестинци веќе се засолнија од израелските напади. Израел има намера да ги „евакуира“ палестинските бегалци зад границата, но Египет го отфрла предлогот, со што се зголемува ризикот од ширење на конфликтот во земјите во регионот.

Од ноември, јеменската шиитска милиција Ансар Алах на движењето Хути ги напаѓа бродовите поврзани со Израел во Црвеното Море, барајќи прекин на израелските воени операции во Газа и испорака на помош за Палестинците. По ракетните напади од САД и Британија, движењето на списокот ги вклучи и британските и американските бродови без разлика по која рута пловат.

Во вторник, пак, трговците беа позагрижени од изјавите на функционерите на американската централна банка, кои ги „продупчија“ балонот од пазарните шпекулации дека би можеле да ги намалат каматните стапки веќе следните неколку месеци.

Американските потрошувачи проценуваат дека потрошувачките цени ќе пораснат посилно од целта од два отсто и за една година и за пет години, покажува истражувањето спроведено во јануари од филијалата на централната банка во Њујорк. Доколку Fed го одложи намалувањето на каматните стапки поради страв од инфлација, тоа може да му наштети на економскиот раст и побарувачката на нафта.

Извештајот на Министерството за трговија во вторникот покажа дека цените во февруари пораснале поскромно на годишна основа отколку во јануари. На месечно ниво, нивниот раст благо забрзал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.