Цените на нафтата надминаа 73 долари на меѓународните пазари во четвртокот, откако водечките производители го одложија состанокот за производствената политика, поттикнувајќи шпекулации дека може да одложат уште едно зголемување на понудата.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше за 30 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 73,10 долари. Речиси за исто толку порасна и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 68,95 долари. Трговијата со САД денеска треба да биде „слаба“ поради Денот на благодарноста.
Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека цената на барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во средата паднала за 35 центи на 72,61 долари.
Трговците во четвртокот беа изненадени од одлуката на OPEC и нејзините сојузници големи независни извозници предводени од Рузија познати како OPEC+ да го одложат состанокот на кој имаат намера да ја преиспитаат производната политика.
Состанокот требаше да се одржи во недела, а OPEC во четвртокот објави дека ќе го одложи за следната седмица за да избегне колизија со самитот на земјите во Персискиот залив. Неколку министри членки ќе присуствуваат на самитот во Кувајт Сити, па состанокот на OPEC е одложен за 5 декември, објави групата.
Одложувањето ги поттикна шпекулациите дека OPEC+ би можел уште еднаш да го одложи зголемувањето на понудата што е предвидено во тековните планови на почетокот на следната година. На почетокот на летото, групацијата планираше да пушти повеќе барели на пазарот почнувајќи од октомври, а потоа во два наврати го помести рокот за еден месец.
Извори групата соопштија дека на дневен ред на средбата ќе биде и дискусија за повторното одложување на рокот.
Повтореното одложување веќе е вкалкулирано во цените, смета аналитичарот на банката DBS, Сувро Саркар. „Единственоto прашање е дали ќе го одложат за еден месец, за три месецa или за уште повеќе“, додаде Саркар.
Групацијата произведува околу половина од светската нафта и има ограничена понуда за поддршка на цените. Плановите за зголемување на понудата беа попречени од слабата глобална побарувачка.
Трговците внимателно ја следат и ситуацијата на Блискиот исток и прекинот на огнот меѓу Израел и либанскиот Хезболах. Договорот стапи на сила во средата, а израелската армија веќе во четвртокот тврдеше дека примирјето е прекршено. Хезболах, од друга страна, предупредува на континуирани израелски напади врз либанскиот главен град Бејрут.
Блискиот исток е меѓу водечките региони за производство на нафта во светот, но конфликтите досега не влијаеле на снабдувањето.
Расположението на пазарот го намалува и растот на залихите на бензини во САД во последната недела, за дури 3,3 милиони барели, што укажува на послаба побарувачка.