Цените на нафтата се приближија до 75 долари на меѓународните пазари во вторникот, бидејќи тензиите на Блискиот исток ги натежнаа над поделените проценки за кинеската побарувачка.
На лондонскиот пазар во попладневното тргување цената на барелот за испорака во декември беше за 43 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 74,72 долари. Вчера го затвори тргувањето со добивка од 1,53 долари.
На американскиот пазар со барелот со датум на испорака во ноември денеска се тргуваше по цена повисока за 49 центи , по 71,05 долари. Вчера го затвори тргувањето во плус од 1,34 долари. Со барелите за испорака во декември, пак, денеска се тргуваше поактивно, исто така по 49 центи повисока цена од 70,53 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека во понеделникот цената на барелот од референната нафтена кошничка на нејзините членки паднала за 19 центи, на 73,02 долари.
Трговците на почетокот од седмицата беа загрижени од честите израелски напади во окупираниот палестински Појас Газа. Израелските вооружени сили ги опколија болниците и засолништата за бегалци во северниот дел на Газа, објавија здравствените работници, а исто така нападнаа локации во Либан, тврдејќи дека припаѓаат на финансиската мрежа на шиитското движење Хезболах.
Истовремено, пазарите стравуваат од најавениот израелски напад врз Иран, по сигналите дека цел може да бидат нафтени постројки. Американскиот државен секретар Антони Блинкен во вторник пристигна во Израел и има намера да посети и други земји на Блискиот исток. Целта е да се обноват разговорите за ставање крај на војната во Газа и да се ограничи конфликтот во Либан, наведува Reuters.
„Цените на суровата нафта варираат како одговор на измешаните вести од Блискиот исток и наизменичното ескалирање и ублажување на интензитетот на конфликтот“, рече Сатору Јошида од „Rakuten Securities“.
Трговците ги проучуваат и најновите мерки на кинеските власти кои треба да ја поттикнат домашната потрошувачка.
Кинеската централна банка во понеделникот ги намали клучните каматни стапки за четвртина процентен поен, а одлуката следува по податоците кои покажаа постојан раст на економската активност во третиот квартал, што е за 4,6 отсто повеќе од истиот период минатата година. Пекинг за оваа година одреди стапка на раст од пет проценти.
Побарувачката на нафта во Кина веројатно ќе порасне слабо и следната година поради електрификацијата и забавувањето на економската активност, изјави во понеделникот шефот на Меѓународната агенција за енергија (IEA). Шефот на саудискиот нафтен гигант „Aramco“ нагласи дека е „прилично оптимист“ во проценките на кинеската побарувачка, особено со оглед на стимулациите и зголемената набавка на горива за авиони и на хемикалии.