Цените на нафтата потонаа под 87 долари, се стравува од рецесија

Цените на нафтата паднаа на меѓународните пазари во петокот под нивото од 87 долари за барел, одразувајќи ги стравовите на вложувачите дека подигнатите каматни стапки во Европа и во САД ќе предизвикаат рецесија и ќе ја закочат побарувачката на нафтата.

На лондонскиот пазар цената на барелот во раното попладневно тргување беше пониска за 3,74 долари отколку на затворањето на вчерашното тргување и изнесуваше 86,72 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 3,98 долари пониска цена од постигнатата во четвртокот, од 79,51 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) денеска одвоено објави дека барелот кошница референтна нафта на нејзините членки во четвртокот поевтинил 80 центи, на 95,51 долар.

Учесниците на пазарот оваа седмица се насочија на седниците на централните банки во САД и во Европа кои веќе сигнализираа дека ќе ги подигнат клучните каматни стапки за да се сопре силниот раст на потрошувачките цени.

Американската Federal Reserve (Fed) и швајцарската централна банка (Swiss National Bank – SNB) оваа седмица ги подигнаа каматните стапки за 0,75-процентен поен, а норвешката Norges Bank (NB) и британската Bank of England (BoE) за 0,50-процентни поени. Европската централна банка (ECB) уште на почетокот на септември ги подигна за три четвртини процентен поен, најавувајќи и дека не завршила со циклусот заострување на монетарната политика оваа година.

Трговците стравуваат дека повисоките трошоци на задолжувањето ќе го задишат економскиот раст и ќе предизвикаат рецесија, а нивните стравувања ги поткрепи денешното истражување на „S&P Global“, кое покажало пад на деловните активности во септември, трет месец со ред, според индексот на менаџерите на набавката (PMI).

„Рецесијата во еврозоната е многу веројатна“ заклучува економистот од „S&P Global“, Крис Вилијамсон.

Во таквите услови глобалните пазари на акции паднаа на најниското ниво во последните две години, а ги следеа и пазарите на нафтата.

„Слабите европски PMI, загриженоста за растот поради агресивното заострување на монетарните политики во САД и во Европа се тег за поризичните капитали. Но цените на нафтата не се имуни на тие стравувања поврзани со растот“, појаснува за Reuters Џовани Стауново од швајцарската банка UBS.

Индексот на американскиот долар, пак, го достигна највисокото ниво во две децении, што исто така ги притисна цените на нафтата.

„Стравот од рецесија, зачестеното подигнување на каматните стапки и последничната сила на доларот го надсилија геополитичките тензии“, оценува Тамаш Варга од „PVM Oil Associates“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.