Цените на нафтата се искачија над 82 долари на меѓународните пазари во понеделникот по сигналите од главните производители дека може дополнително да ја намалат понудата за да одговoрат на знаците за слабеење на побарувачката.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше повисока за 1,78 долари во однос на затворањето на тргувањето минатиот петок и изнесуваше 82,39 долари. Минатиот петок го затвори тргувњето во плус од 3,19 долари.
На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по повисока цена од 1,71 долари, од 77,60 долари. Минатиот петок го затвори тргувањето во плус од 2,99 долари. Со барелите со датум на испорака во јануари денеска се тргуваше поактивно, по повисока цена од 1,79 долари, на 77,83 долари.
Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелот од нејзината референтна кошнаца нафта на нејзините членки во петокот паднал за 1,14 долари на 81,08 долари.
Трговците беа загрижени минатата седмица од знаците за послаба побарувачка во САД, што се рефлектираше со силно зголемување на залихите и прогнозите за послабо темпо на преработка во Кина поради нестабилната побарувачка на горива во индустријата и пониските маржи.
Во петокот нивното внимание беше привлечено од информациите од три извора во редовите на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нивните сојузници дека групата ќе ја разгледа можноста за дополнително намалување на понудата на редовниот состанок на крајот на ноември.
„Се знаеше дека групата производители (OPEC) ќе реагира, со оглед на минатонеделното повлекување на оние кои шпекулираа за поскапување“, објаснува Тамас Варга од PVМ.
„Доколку се договорат за дополнително намалување (на понудата – з.р.), цените веројатно ќе пораснат на краток рок, но долгорочниот ефект од таквиот потег е сомнителен, бидејќи спроведувањето и почитувањето на договорот ќе бидат клучни“, додава Варга.
Инвеститорите, исто така, внимателно ја следат руската трговија со нафта, откако Вашингтон минатата седмица воведе санкции за уште една група компании за транспорт на нафта со цени над договорениот плафон на ниво на Г7 и ЕУ од 60 долари за барел.