Цените на нафтата се лизнаа под 30 долари

Цените на нафтата во вторникот паднаа на меѓународните пазари под нивото од 30 долари за барел, поради негативното влијание на пандемијата од коронавирусот врз економскиот раст и битката меѓу Саудиска Арабија и Русија за удел на пазарот.

На лондонскиот пазар цената на барелот падна за 59 центи во однос на затворањето на тргувањето во понеделникот, лизнувајќи се на 29,46 долари, најниското ниво од јануари 2016 година. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше по речиси непроменета цена од претходниот трговски ден, за 28,58 долари.

Одвоено, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во вторникот претпладнето извести дека цената на барелот на референтната кошничка нафта од нејзините членки во понеделникот изнесувала 30,63 долари, што значи дека паднала за 3,59 долари во однос на претходниот трговски ден.

Земјите ширум светот, вклучително и оние во Европа, Азија како и САД и Канада, воведоа досега невидени мерки за да се справат со коронавирусот, а коишто ја притискаат побарувачката на нафтени производи, како бензинот и керозинот.

Американкиот претседател Доналд Трамп предупреди во понеделникот дека САД може ќе навлезат во рецесија, бидејќи економските активности ширум светот забавуваат, а акциите на берзите остро паѓаат.

САД најавија дека ќе ги искористат ниските цени на нафтата за да ги надополнат стратешките резерви, а слични мерки најавија и други земји и големите компании.

„Лоша вест за оние кои шпекулираат со растот на цените е дека надолниот тренд, според нашата процена, сѐ уште не го допрел дното. Пазарот наскоро ќе сфати дека во април можеби го чека вишок во снабдувањето на кој ретко сме биле сведоци во поновото тргување со нафтата“, вели во анкетата на Reuters Бјорнар Тонхаген од „Rystad Energy“.

И покрај уривањето на побарувачката на нафта поради глобалното ширење на коронавирусот, Саудиска Арабија и Русија ја продолжуваат војната со цените, започната по неуспешните преговори за дополнително снабдување на пазарите. Така, саудиското министерство за енергетика денеска најави зголемување на извозот на сирова нафта во следните месеци, над нивото од 10 милиони барели дневно, бидејќи имаат намера во производството на електрична енергија повеќе да го користат гасот отколку нафтата.

„Сите сигнали на нафтениот пазар и натаму укажуваат на ценовна војна. Доколку најавите за зголемување на производството навистина бидат остварени, се заканува опасност цените да паднат кон 20 долари“, предупредува Карстен Фритш, аналитичар во „Commerzbank“.