Цените на златото пораснаа по најавата на Г7 за забрана на увозот од Русија

Цените на златото пораснаа во понеделникот на меѓународниот пазар, откако во неделата на самитот на земјите од Г7 американскиот претседател Џо Бајден најави дека САД и уште три земји од групата најразвиени во светот ќе го забранат увозот на златото од Русија.

На физичкиот пазар цената на златото порасна за 0,6 отсто, на 1.838,87 долари за унца. Во терминските договори на американскиот пазар со златото се тргуваше по 0,5 отсто повисока цена од претходниот трговски ден, од 1.840,40 долари за унца.

ССАД, Велика Британија, Канада и Јапонија се решија на самитот на Г7 во Германија ќе го забранат увозот на руското злато во новиот пакет санкции против Русија поради војната во Украина.

Извозот на златото е вториот најголем извор на приходи за Русија која годишно произведува од 350 до 380 тони од благородниот метал. Претходно во неделата американскиот државен секретар Ентони Блинкен за CNN процени дека тоа ќе ја чини Русија 19 милијарди долари, и ќе ги погоди „олигарсите“ кои купувајќи злато ги покриваат загубите од западните санкции. Според процените Русија минатата година од извозот на злато заработила 15,5 милијарди долари.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во неделата како и повеќето економски аналитичари беше претпазлив во разговорите за забрана на увозот на руското злато.

„Кога станува збор за златото, подготвени сме да разговараме за поединости и да утврдиме дали е можно да се цели златото така што ќе ѝ нанесе штети само на руската економија а да не настрадаме ние самите“, рече Мишел.

Европската унија до крајот на годинава планира да го забрани увозот на руската нафта којашто се испорачува со бродови, но нејзините претставници на самитот Г7 изразија забелешки на американската иницијатива да се ограничат цените на нафтата за да се ограничат приходите на Русија од продажбата на енергенсот.

Ценовниот плафон би се воспоставил со ограничување или со забрана за осигурување или финансирање на пратките на руската нафта над одредена сума. Тоа би ги спречиле, како што тврдат на Западот, ефектите на прелевање на високите цени на земјите со ниски приходи кои се мачат со високите трошоци за храната и енергијата, предизвикани од западните санкции против Русија.

Мишел изјави дека челниците од Г7 разговарале за технички механизам кој би ја ограничил цената на нафтате преку услугите во секторот и осигурувањето на транспортот.