Ценовен шок, инфлацијата скокна за рекордни 10,5 отсто, за еден месец маслото поскапело за 20,2 отсто

Трошоците на живот во април годинава (инфлацијата) се повисоки за 10,5 отсто, во споредба со истиот месец лани, додека цените на мало се зголемиле за 11,1 отсто.

Во однос на претходниот месец, март, пак, трошоците на животот во април се зголемени за 2,2 отсто, а цените на мало пораснале за 2,0 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС). Најголем скок, според податоците, пораст на трошоците на животот во минатиот месец, во споредба со само еден месец претходно, март, е забележан кај маслото и маснотиите за 20,2 отсто. Потоа, кај свежиот и разладениот зеленчук за 12,9 отсто, свежото и разладеното овошје поскапело за 4,4, сирењето и урдата за 3,7, месото за 3,4, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 2,3, пивото за 1,9 и друго.

Воздухопловниот патнички транспорт поскапел за 46,6 отсто, туристичките аранжмани за 8,9, гасот за домаќинствата за 4,1, течните горива за домаќинствата за 2,6, големите алатки и опремата за 1,7, мебелот и покуќнината за 1,5, итн.

За помалку од еден процент поскапеле и текстилот за домаќинствата, големите електрични апарати, патниот патнички транспорт, игрите, играчките и хобијата, домашните услуги и услугите за домаќинствата, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот, стоматолошките услуги, рестораните, кафулињата, фармацевтските производи, канцеларискиот материјал…