Центарот на градот е во хаос, ама фонтаните и кучињата не биле проблем на Шилегов?!

Украдени се рефлектори од фонтаните на спомениците од проектот „Скопје 2014“, кои исто така се полни и се со ѓубре и се запуштени, бројот на бездомни кучиња е секој ден се’ поголем иако секојдневно граѓаните апелираат до градските власти да преземат некакви мерки.

Ова е сликата на плоштадот во центарот на Скопје веќе неколку месеци.

Центарот на градот, всушност, е и првата слика за туристите. Од Град Скопје вината за фонтаните ја префрлаат на ЈП „Водовод и канализација“, а проблемот со бездомните кучиња велат веќе не е нивен туку на „Лајка“. Граѓаните, пак, коментираат дека власта се однесува расипнички, вмешува политика во објекти кои без разлика што се изградени од претходната власт, треба да се чуваат и одржуваат бидејќи сепак се платени од џебот на народот.

Кражабата на рефлекторите е забележана за време на подготовките за пречек на Папата Франциск, на 7 мај, годинава. Случајот е пријавен во полиција, а штетата е проценета на околу 60.000 евра. Надлежноста за обезбедување на објектите, пак, е на Град Скопје.

Согласно одлуката на Советот на Град Скопје, одржувањето на фонтаните во централното градско подрачје го превзеде ЈП „Водовод и канализација“, бидејќи истото е најстручно за оваа проблематика. Фонтаните изминатиов период не беа пуштени во употреба поради одредени оштетувања на истите, како и поради циклонските активности кои беа најавени дека ќе ја погодат земјава. Изминатиов период екипите на ЈП „Водовод и канализација“ извршуваа активности за поправка на дел од механизмите во подземни нивоа на фонтаните. Дополнително, во наредниот период ЈП „Водовод и канализација“ треба да започне и постапка за избор на компанија која ќе асистира во одржувањето на фонтаните во централното градско подрачје. За повеќе технички детали, обратете се во ЈП „Водовод и канализација, велат за НетПрес од Град Скопје.

Иако во некои медиуми се појавија информациите дека фонтаните наскоро ќе проработат и дека токму ЈП „Водовод и канализација“ се стручни во оваа проблематика, според портпаролот на претпријатието тие вложуваат максимални напори за да проработат фонтаните, бидејќи ова јавно претпријатие не било регистрирано за дејност одржување фонтани, па мора да ангажираат и дополнителна фирма од сопствен буџет.

 Неколку од фонтаните веќе проработеа, машинските делови не беа оштетени, ние немаме одговорност за обезбедувањето на фонтаните, пријавено е во МВР, ама надлежноста е на Град Скопје. Исто така ние ги санираме дефектите пополека бидејќи немаме стручни лица за одржување фонтани, што и не спаѓа во нашата дејност, но пополека се надеваме дека и нашиот кадар ќе се оспособи за оваа проблематика, вели за НетПрес Митко Гаџовски, портпарол на ЈП „Водовод и канализација“.

Изминатиов период започнаа постапките за стационарот „Вардариште“ да прејде од надлежност на ЈП „Комунална хигиена“, во посебното јавно претпријатие „Лајка“ кое под своја надлежност во целост ќе ги преземе активностите за заловување на животните скитници кои не се евидентирани, нивна стерилизација/кастрација, ветеринарна грижа, вакцинација, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани. Во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе биде вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните, одговараат од Град Скопје.

Дури две и пол години, од доаѓањето на власт, на градоначалникот Петре Шилегов му беа потребни да почне да презема активности за хуман третман на бездомните кучиња, а конкретен одговор кога ќе се реши овој голем проблем повторно нема.