Центарот за зависности ќе се сели на неколку локации во Скопје

Со години наназад, жителите на скопска Кисела Вода реагираат и апелираат за потребата од негова дислокација, особено и поради фактот што секојдневно се соочуваат со ужасни слики од медицински отпад, шприцеви и искористени игли не само во дворот од Центарот, туку и на места каде што играат деца, но и во дворот на училиштето кое се наоѓа во непосредна близина.

Министерството за здравство ја повлече одлуката Центарот за зависници од Кисела Вода да се пресели во поранешната менза на фабриката Металски Завод Тито.

Локацијата што кон крајот на мај ја посочи министерот Венко Филипче е откажана. Од министерството посочија дека се разгледуваат пет локации за Центри за зависности. Имено, најавуваат дека всушност ќе има дисперзија на Центарот на неколку локации во Скопје.

Идејата за дислокација на овој Центар од Кисела Вода е стара, а долго во игра беше просторот до болницата за душевно болни во Бардовци. Сепак, тогашната локална власт што ја раководеше Стевчо Јакимовски, не даде зелено светло оваа установа да се префрли на територија на Општина Карпош.
Своевремено се споменуваше и идејата секоја локална самоуправа на своја територија да има Дневен центар, кој ќе го посетуваат зависниците кои се жители на одредената општина. Но, ниту за ова решение надлежните сериозно никогаш не дискутираа.

Со години наназад, жителите на скопска Кисела Вода реагираат и апелираат за потребата од негова дислокација, особено и поради фактот што секојдневно се соочуваат со ужасни слики од медицински отпад, шприцеви и искористени игли не само во дворот од Центарот, туку и на места каде што играат деца, но и во дворот на училиштето кое се наоѓа во непосредна близина.

Ситуацијата кулминираше неколку пати со протести на граѓаните, а откако го блокираа и булеварот Борис Трајковски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, вети дека Центарот ќе се дислоцира за најмногу шест месеци.

Протестите од Кисела Вода, се префрлија во Гази Баба, откако Министерството за здравство излезе со план Центарот да се префрли во дел од фабриката „МЗТ“.

Скопје нема центри за дневно лекување на наркозависниците. Единствениот Центар за лекување на болести од зависност и местото каде што тие ја примаат својата метадонска терапија засега се наоѓа во Кисела Вода. Условите во кои се лекуваат зависниците се повеќе од катастрофални и капацитетот е преполнет и  има многу кои се на листата на чекање.
Центарот во кој се лекуваат околу 500 лица има три дневни болници, дневни болници за зависности А и Б и дневна болница за алкохолизам.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.