Церар: Очекувам Македонија да добие препорака за почеток на преговори со ЕУ

Македонија напредува на планот на реформите и очекувам да добие позитивна препорака за почеток на пристапните преговори со ЕУ, рече словенечкиот премиер Миро Церар на заедничката прес-конференција во Владата со неговиот домаќин премиерот Зоран Заев.

-Посебно ме радува што гледам дека Македонија напредува во своите реформи и што Парлламентот веќе во април ќе го разгледува пакетот важни закони кои ќе доведат до значајни реформи во областа на правосудството и на другите подрачја, бидејќи само на тој начин ќе биде можно Македонија релативно брзо да се интегрира во Европа како и во НАТО сојузот- рече Церар.

Тој рече дека Словенија изрази убедување дека е потребно да се интензивира процесот на интеграција за Македонија и другите земји од регионот во ЕУ.

-Западен Балкан е дел од Европа и прашањето за интеграција на државите од Западен Балкан во Европа мора секој ден да биде на дневен ред и тој процес да се интензивира. Очекувам дека ЕК за кратко време ќе даде препорака за преговори за влез на Македонија во ЕУ и верувам дека тоа ќе ги поттикне понатамошните позитивни процеси. Стабилната и успешна Република Македонија е во интерес и на регионот, на целата европска заедница- рече Церар и посочи дека очекува многу од мајскиот самит на ЕУ и земјите од Западен Балкан во Софија.

Словенечкиот премиер кој престојува во дводневна официјална посета на Македонија, е придружуван од голема бизнис-делегација. Заедно со Заев утре ќе ја отворат и ќе имаат свои обраќања на Бизнис конференцијата во просториите на Стопанската комора на Македонија.

Церар изрази задоволство што Словенија и натаму е меѓу најголемите странски инвеститори во земјата и истакна дека трговската размена минатата година забалежала раст од над 10 проценти. Тој најави дека Словенија и понатаму развојно ќе ја поддржува Македонија, со акцент на заштита на животната средина и енергетската ефикасност, а постојат услови за развој и во областите како земјоделство, туризам, челична и други индустрии.

Словенечкиот премиер Церар за време на дводневната посета на Македонија ќе има средба и со претседателот на државата Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.