Чајџилница во Врапчиште послужувала гости во време на полициски час

Основното јавно обвинителство Гостивар денеска поведе постапка и поднесе предлози за издавање казнени налози против четири лица кои го сториле кривиното дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, информираат од Јавното обвинителство.

Еден од нив е обвинет, бидејќи не ги почитувал донесените мерки за заштита од ширење и спречување на заразната болест предизвикана од Ковид-19. Тој како сопственик на угостителски објект во село Врапчиште бил затекнат во чајџилницата како послужува гости.

Останатите тројца обвинети, како што соопштија од обвинителство, се товарат дека не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија. Тие во одделни кривично правни настани се движеле низ Гостивар и со тие дејствија го сториле кривичното дело.

За сите обвинети, гостиварското обвинителство од судот побара да им изрече парични казни во висина од по 100 дневни глоби.​

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.