Чадиев: Имаме нова програма за економски развој

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во неделата вечерта во Велес на конвенција ги претстави кандидатот за градоначалник Славчо Чадиев и листата на советници.

Чадиев кој е и актуелен градоначалник на Општина Велес, се заблагодари за довербата за кандидирање за уште еден мандат на претстојните локални избори.

„Големо задоволство е да се биде кандидат за градоначалник на Велес, градот во кој сум роден и во кој го поминав целиот свој работен век, основав семејство и професионална кариера, градот во кој имам многу другари и пријатели. Голема е честа да се добие можноста за втор мандат“, истакна Чадиев.

Осврнувајќи се на сработеното, рече дека реализирал над 270 проекти.

„ Ја изградивме Индустриската зона Караслари, отворивме нови фабрики, ја изградивме инфраструктурата, вложивме многу во образованието, во спортот, културата, го отворивме новиот театар. Сето тоа е доказ дека неуморно работиме за подобрување на животот на граѓаните“. потенцираше Чадиев.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ има нова програма, за подобар живот.

„ Во изминатата програма имавме 117 проекти од кои реализиравме 87 проценти, а во новата имаме 148 со кои ќе придонесеме за поголем економски и општествен развој. Ќе продолжиме со економски развој на индустриските зони Мамутчево и Речани два, ќе изградиме затворен градски пазар, пешачки мост со кој ќе ја поврземе населбата Речани со центарот на Велес, ќе ја одделиме атмосферската од фекалната канализација, ќе изградиме и прочистителна станица за отпадни води,…“, најави Чадиев.

И актуелниот претседател на Совет на Општина Велес и носител на листата за советници на ВМРО-ДПМНЕ Александар Колев се заблагодари за укажаната доверба.

„За мене тоа е голема гордост и благодарност, но и голема обврска која ветувам дека нема да ја изневерам, истакна Колев и потенцира дека ова не се обични локални избори, туку избори на кои граѓаните се ставени пред предизвикот да кажат во каков Велес сакаат да живеат.