Чадиев: Имаме реални и конкретни проекти за секој дел од Велес

Велешани заслужуваат да живеат во модерна, современа и урбана општина во која ќе бидат задоволени сите нивни барања и сите нивни потреби. Имаме искуство, имаме знаење, имаме јасна визија и цел како да го подобриме животот во Велес. Нудиме просперитет за подобар живот, нудиме достинство за секој еден жител на Велес, истакна кандидатот за градоначалник на општина Велес од ВМРО-ДПМНЕ Славчо Чадиев на денешната прес-конференција.

„Јас и мојот тим на советници силно ќе се залагаме за да обезбедиме подобар живот за велешани преку изградба на улици, канализациони системи и водоводи, ќе создадеме услови за подобро образование, ќе овозможиме услови за привлекување на нови инвеститори и намалување на невработеноста во градот. Спортот ќе го издигнеме на повисоко ниво, ќе инвестираме во младите, ќе го развиваме туризмот, ќе реализираме проекти за сите граѓани од најмладите до повозрасните. Ова што го ветуваме, бидете сигурни ќе го исполниме“, подвлече Чадиев и ги спомена најголемите проекти од неговата програма:

 

Во наредниот период ќе инвестираме 1 милион и 500 илјади евра за подобрување на инфраструктурата во општината. Ќе извршиме реконструкција, ќе изградиме 47 улици во градот и населените места.

Ќе изработиме студија за изградба на гасоводна мрежа на град Велес.

Ќе изградиме обиколница за град Велес, односно целосно нова сообраќајница која ќе започне во населбата Превалец, по што ќе се поврзе со изградената делница од претходно предвидениот пат Велес – Прилеп, којшто ќе се реконструира, ќе продолжи и ќе се поврзе со улицата „Вардарска“ на излезот од градот пред мостот на Башино Село.

Предвидено е обиколницата да има 4 исклучоци.

Ќе го довршиме проектот за покривање на градскиот пазар.

Посебен акцент ќе ставиме на развој на индустриските зони Мамутчево, Елегант, Речани 2, УЗУС и УЗУС 2.
Ќе изградиме пешачки мост до населбата „Речани”.

За подобрување на сообраќајот во градот и зголемување на безбедноста ќе изградиме 4 кружни текови и тоа на раскрсницата кај поранешниот објект Панини, на локацијата кај сегашните семафори, на раскрсницата кај споменикот Бауман и кај Башино село.

Ќе изградиме монтажен паркинг до автобуска станица Велес за 200 паркинг места.
Ќе започнеме постапка за одвојување на атмосферската од фекалната канализација со изградба на прочистителна станица за отпадни води.

Ќе извршиме реконструкција, адаптација и пренамена на зградата на поранешното основно училиште ЈХК Џинот во Центар за лица со посебни потреби и детска градинка.

Ќе го реконструираме поранешниот Официрски дом и ќе го пренамениме во Градска библиотека.
Ќе извршиме уредување на туристичкиот комплекс езеро „Младост“.

Ја имаме, додаде тој, најдобрата програма, програма која нуди работа.

-СЕКОГАШ РАБОТА. Имаме реални и конкретни проекти за секој дел од Велес. Програмата што ја нудиме е реална и остварлива и направена исклучиво од потребите и барањата на жителите на Велес. Нудиме нова ера за Велес. Нудиме перспектива и можност сите заеднички Велес да го направиме најубавото место за живеење.