Чадиев: Во Македонија се случува хунта која има една единствена цел, обезличување на македонската држава и идентитет

Вечерва сме осми ден излезени низ улиците на Скопје, Велес и другите градови заедно за да споделиме и кажеме дека нема терористи кај нас и дека луѓето кои се уапсени не се терористи, ова на вечерашниот протест пред Министерството за правда го потенцира Славчо Чадиев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Денеска уапсија уште тројца ни криви ни должни, веќе гласот дека во Македонија владее хунта се шири низ цела Европа. Словенечкиот весник ‘Репортер’ јавно објави порака до (претседателот на Европската комисија, Жан-Клод) Јункер дека во Македонија се случува хунта која има една единствена цел, обезличување на Македонскиот јавен идентитет. Такво нешто не смее да се дозволи и не смее да се случи, бидејќи многу лесно е да се уништи нешто што се градело со децении, самите ние сме тие што треба да дадеме поддршка за сите оние кои се во Шутка, додека неправедно се пуштаат терористи, а луѓето што се борат за Македонија се апсат“, истакна Чадиев.

Додаде  дека, за жалм во Македонија се повторуваат и 1948 и 1946 година, и оти тоа не смееме како нација и народ да го дозволиме.

„Македонија мора да биде единствена и мораме заедно да одиме онаму каде што сме тргнале кон Европската унија, никој не смее да не раздели, но никој не смее да ни го земе ни основното, не смее да ни го земе името. ВМРО-ДПМНЕ заедно со својот народ ќе се врати по своето и народот ќе решава во Македонија, ова еден ден мора да запре“, вели Чадиев.