Чави: Клубот треба да истражи зошто имаше толку навивачи на Ајнтрахт на трибините!

Фудбалерите на Ајнтрахт ја шокираа Барселона на Камп Ноу откако со победа од 3-2 ја елиминираа од Лига Европа и се пласираа во полуфиналето.

На трибините на Камп Ноу имаше околу 30.000 навивачи на Ајнтрахт, што е многу повеќе од предвидената бројка за гостински фанови.

Официјално на германскиот клуб му беа отстапени 5.000 влезници за своите фанови, но навивачите од Франкфурт успеаа да купат билети кои се наменети за навивачите на Барселона, можеби од регуларната продажба, а можеби и на црно.

Тоа значи дека фановите на Барселона не му ја дале потребната поддршка на нивниот клуб за овој меч, не купиле доволно билети, или ги препродале на противникот.

Чави е разочаран поради тоа, очекувал поддршка од 70.000 навивачи, но вели дека се чувствувал како да играат на неутрален терен.

„Атмосферата не ни помогна. Имам впечаток како да игравме финале со поделени влезници за навивачите. Клубот треба да провери што се случи. Тоа е грешка од наша страна“, изјави Чави.

„Очекував дека на Камп Ноу ќе има 70.000 навивачи на Барселона, но не беше така“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.