Чави отпатувал во Минхен да го убедува Халанд со богата понуда од Барса

Медиумите од Шпанија пренесуваат дека Чави и Жорди Кројф отпатувале во Минхен на средба со Ерлинг Халанд, се шпекулира дека Барселона на Норвежанецот му понудила петгодишен договор со бруто плата од 195 милиони евра.

Барселона тргна во офанзива по потписот на Ерлинг Халанд, Чави отпатувал во Минхен, каде напаѓачот се опоравува од повреда, во намера да го убеди да се пресели на Камп Ноу. Се говори дека заедно со тренерот, во Минхен отпатувал и Жорди Кројф.

Медиумите од Шпанија исто така пренесуваат дека Жоан Лапорта на Мино Рајола му доставил конкретен предлог, односно петгодишна соработка вредна 195 милиони евра бруто. Според предлогот, Ерлинг Халанд би заработувал 20 милиони во првата сезона, 30 милиони во втората, 40 милиони во третата, 50 милиони евра во четвртата и 55 милиони евра во петата година.

Мино Рајола пак го известил Жоан Лапорта дека преферира тригодишен договор, со опција соработката да биде продолжена за две додатни години.

Агентот исто така го советувал Ерлинг Халанд и неговиот татко да ја одберат Барселона и покрај тоа што сериозен интерес пројавуваат Манчестер Сити и Реал Мадрид.