Чави сака да се врати во Барселона

Легендарната ѕвезда на Барселона, 40-годишниот Чави Ернандез, е подготвен да се врати на „Камп Ноу“, но овојпат како тренер, а има еден услов.

„Сакам да се вратам во Барселона и возбуден сум поради тоа. Со искуството коешто го стекнав, мислам дека можам да им помогнам на играчите да напредуваат. Меѓутоа, тоа би морало да биде прорет кој започнува од нула, без токсични влијанија. Сите структури на клубот мора да работат заедно, а конечната одлука е моја“, вели Чави во интервјуто за каталонскиот дневен весник La Vanguardia.

Чави ги мина сите катергории во Барселона, и во клубот мина 24 години. „Камп Ноу“, го напушти во 2015 година потпишувајќи договор за катарскиот клуб Ал Сад, чијшто тренер е од ланскиот мај.

Во јануари годинава се нагаѓаше дека може да го наследи Ернесто Валверде на клупата на Барса, но одлучи засега да остане во Ал Сад.

„Порано не бев среќен, но сега во Ал Сад стекнав искуство и знаење“, додава Чави.

Во интервјуто открива уште неколку имиња коишто би ги вклучил во својот проект при евентуалното враќање во Барселона.

„Тоа се Карлес Пујол и Жорди Кројф. Околу себе сакам да имам луѓе на коишто им верувам“, вели.

Чави со 767 настапи е рекордер во дресот на Барселона, а со клубот освои 27 трофеи од кои четири во Лигата на шампионите и осум титули првак на Шпанија.