Чави се повлече од репрезентацијата!

Легендарниот играч од средниот ред на Барселона и на шпанската репрезентација, Чави денес официјално соопшти дека става крај на својата репрезентативна кариера.

Фудбалерот на Барселона беше мозокот во шпанската репрезентација во походот кон трите трофеи во низа од големите натпреварувања ЕП 2008, СП 2010, ЕП 2012, но сега одлучи да стави крај на репрезентативната кариера.

„Одлучив да се повлечам од репрезентацијата. Дојде крај на моето време во дресот на Шпанија. Благодарен сум за сите овие години. Имав фантастично време. Горд сум на успехот во дресот на црвената фурија и им посакувам се најдобро во иднина. Започнувајќи од сега, јас сум само еден фан повеќе“, изјави Чави.

34-годишниот плејмејкер потврди дека размислувал да ја напушти и Барселона, но после разговорот со новиот тренер и спортскиот директор одлучил да остане во својот матичен клуб.