Чавков го праша сведокот Нухиу кој бил иницијатор за евакуација на пратениците

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, обвинет во предметот за насилствата во Собранието од 27-,ми април 2017 година во петокот во текот на сведочење на тогашниот технички министер за внатрешни работи, Агим Нухиум, побара од него да каже дека согласно надлежностите токму Чавков бил иницијаторот за евакуација на пратениците.

„Од формален аспект се согласувам дека Чавков беше иницијатор затоа што тој ја потпиша одлуката за операцијата ‘Платформа’ за евакуација на пратениците. Но таква беше процедурата. Од материјален аспект не се согласувам затоа што во Оперативниот штаб членуваа и други надлежни раководители на сектори и имавме усогласен став за тоа”, му одговори Нухиу.

Сведочењето на Нухиу поминува во обид на обвинителството да докаже дека Чавков е виновен дека не издал наредба за постапување на полицијата вечерта во Собранието а одбраната, пак, докажуваше дека според правилата Чавков имал право да делегира надлежности, обврски а со тоа и одговорност на раководителите на осум сектори на Министерството за внатрешни работи на цела територија на Македонија.

На денешното рочиште треба да сведочат и Сашо Тасевски, актуелниот директор на БЈБ, тогаш обезбедување на Оливер Спасовски кој е познат на пошироката јавност како лицето кое влезе и употреби огнено оружје спротивно на сите порписи, и двајца други припадници на обезбедувањето од МВР.