Чавков одрече дека контактирал со Јанакиески и Ристовски во врска со 27-ми април 2017-та

Со сослушање сведоци предложени од одбраната во Основниот кривичен суд во Скопје во петокот продолжи судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27-ми април 2017 година.

Прв сведочеше поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, кој рече дека на 27-ми април 2017 година имал интензивни комуникации со своите колеги задолжени за извршување на полициски акции и дека немал никаков контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

„Не сум имал никаква комуникација со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, пред, дента и по случувањата од 27-ми април во Собранието“, истакна Чавков. Исто така, тој посочи дека со Јанакиески и Ристовски не комуницирале ниту за протестите „За заедничка Македонија“. Додаде и дека отворањето на вратите било изненадување за сите, па и за самите полициски службеници.

Прашан дали на 27 април 2017 година бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Чавков рече дека ако некој посочи дека го видел таму, лаже. На прашање од Судот дали е член на политичка партија, рече дека е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 година, но дека никогаш немал партиска функција и тоа останало само како членство.

Истакна и дека комуницирал постојано со полицијата. Единствено за време на упадот во Собранието, имал телефонски разговор со поранешниот премиер Никола Груевски, кој му се јавил и изразил загриженост за тоа што се случува во законодавниот дом.

За Александар Василевски – Нинџа рече дека не се познавале лично, за него знаел само дека е сторител на повеќе кривични дела.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.