Чавков штрајкува со глад, семејството ќе бара азил

Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој рано утринава повторно беше вратен во притвор, по само еден ден од одлука на Врховниот суд да биде пуштен во куќен притвор, почнал да штрајува со глад.

Револтиран од одлуката на Кивичниот суд, Чавков, кој има проблеми со срцето, дури одбивал и да ја прима редовната лекарска терапија.

Неговото семејство во изјава за „Нетпрес“, вели дека е загрижено за неговата здравствена состојба и дека во изминатиот период се под постојани притисоци и закани. Поради тоа, размислуваат да побараат азил во странство.

На Чавков минатата година му е вметнат стент, а условите во притворот го загрозуваат неговиот живот.

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со настаните што се случија на 27 април 2017 година, според член 313 од Кривичниот законик.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, еден од бранителите на обвинетите, рече дека Основниот суд се прави попаметен од Врховниот кога е во прашање повторениот притвор за дел од учесниците во насилниот упад во Собранието.

Чавков за време на настаните во април раководеше со оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи. Тој беше посочен дека два часа не давал наредба за дејствување на полицијата, со што го довел во опасност животот на пратениците и новинарите.