Чавушоглу најави скора посета на Ердоган на Србија и регионот

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу оцени во четвртокот во Белград дека за добрите српско-турски односни е заслужен „исклучителниот политички дијалог“ на функционерите од двете земји и најави дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердога наскоро повторно ќе ја посети Србија и регионот.

Чавушоглу на заедничката прес-конференција по разговорите со српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ ја истакна желбата на Анкара со Белград „да ги одржи добрите односи“, оценувајќи дека „Србија игра важна улога во стабилноста на регионот“.

Вети дека Турција ќе продолжи со поддршката на дијалогот меѓу Белград и Приштина и оти ќе учествува во инфраструктурни проекти, како и дека ќе пружа помош во врска со снабдувањето со гас на регионот.

Чавушоглу, илустрирајќи ги добрите односи меѓу двете земји, истакна дека Србија е „шестата земја со којашто Турција има договор за минување на границите само со лична карта“.

Со турскиот шеф на дипломатијата во текот на денот одвоено разговараа и српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и претседателот на парламентот во технички мандат Ивица Дачиќ. Во разговорот со Вучиќ била нагласена важноста од градењето на автопатот Белград-Сараево, како најзначаен проект кој ќе се реализира со финансиска помош на Турција.

Во тие разговори беше истакнато значењето на инвестициите на турските компании кои во Србија во моментов вработуваа околу 10.000 домашни работници, како и учеството во различни инфраструктурни проекти. Во областа на енергетиката доминантна била темата на изградбата и експлоатацијата на гасоводот Турски тек, кој овозможува снабдување со гас на Србија и регионот.

Шефот на српската дипломатија Селаковиќ оцени дека односите меѓу Србија и Турција денес се „на историскиот врв“, особено кога станува збор за економијата. Истакна дека трговската размена меѓу двете држави изнесува две милијарди евра, додека само во првите четири месеци од оваа година достигнала 585 милиони евра, оценувајќи дека турските инвеститори „не го губат интересот за вложувања во Србија“.

Посетата на турскиот министер го одбележа и анонимната дојава за подметната бомба во српското министерство за надворешни работи, која е упатена по завршените разговори меѓу Селаковиќ и Чавушоглу, па зградата на министерството накусо беше евакуирана додека специјалните тимови на српското министерство за внатрешни работи не констатираа дека дојавата била лажна закана.

Стотици институции во Србија, од училишта, детски градинки, болници, медиуми, трговски центри, аеродроми и разни институции, па дури и зоолошката градина, во последните два месеца примаа стотици пријави за подметнати бомби на дневна основа. Српските функционери детектирајќи од кои странски земји потекнуваат заканите оценуваат дека станува збор за „специјална војна“ бидејќи Србија не се дистанцира од Русија ниту се придружи на западните санкции против Москва поради војната во Украина.