Чавушоглу: САД да коментира слобода на религијата и човековите права во Турција

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го критикуваше извештајот на Стејт департментот, додавајќи дека е „трагикомично САД да коментира слобода на религијата и човековите права”.

Тој денеска изјави дека Аја Софија „не е прашање на меѓународни односи, туку на националниот суверенитет”.

Во интервју за НТВ, Чавушоглу ги коментираше неодамнешните расправи за евентуално повторно отворање на Аја Софија како џамија, нагласувајќи дека познатиот историски објект на почетокот служел како џамија по освојувањето на Истанбул.
Објаснувајќи дека никој не треба да ја коментира слободата на вероисповед во Турција, турскиот министер истакна дека чекорите кои се преземени во последните 20 години кон различни малцински заедници во земјата се очевидни.
Шефот на турската дипломатија упати критика за извештајот на американското Министерство за надворешни работи за религиски слободи во 2019 година, оценувајќи го како „необјективен”.

– Во САД расизмот е присутен во голема мерка. Постои и исламофобија. Во последно време и ксенофобија. Вознемирувањето и нападите врз муслиманите во САД, исто така, се присутни и на високите функции, вклучувајќи членови на Конгресот од исламска вероисповед, изјави Чавушоглу.

Потсетувајќи на делови од извештајот на Стејт департментот околу расправите за претворање на истанбулските музеи Аја Софија и Хора во џамии, Чавушоглу вели дека тие два историски објекта се сопственост на Република Турција.