Чавушоглу: Нема да се откажеме, ќе одиме докрај

Турција нема да откаже од откривање на вистината за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, на 2 октомври, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.

Немаме добиено никаква нова информација или резултат од истрагата од саудиска страна, нагласи Чавушоглу, за време на одржувањето на меѓународната конференција во Катар. Турција нема да се откаже, ќе одиме докрај, додаде турскиот министер.

Во вторникот Чавушоглу изјави дека Турција води разговори со ООН за евентуална меѓународна истрага за убиството на Кашоги, кое ја потресе светската јавност.

Новинарот, кој ги критикуваше властите во Ријад, е убиен од страна на саудиски агенти, при неговата посета на Конзулатот во Истанбул. Останките се уште не му се пронајдени.