14.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Чекајќи ја новата „Јалта“

страшо ангеловски

Седумдесет и пет години по одржувањето на конференцијата на Јалта, на која светот беше поделен на интересни сфери, при што, секако, најважна беше поделбата на Европа, помеѓу САД, Велика Британија и тогашниот Советски Сојуз, како победници во Втората светска војна; трисесеттина години откако со распадот на Варшавскиот пакт, таа поделба престана да важи, светот се соочува со засилени подготвки за новата „Јалта“, кои се одвиваат длабоко зад јавната сцена, а со трескавично заземање позиции на евентуалните учесници. И, тројца од нив се веќе познати, а четвртиот ги врши последните подготовки за да го заземе местото во собата за преговори. Ова се учесниците кои одново ќе решаваат за судбината на Европа и светот:

  1. САД, кои во овие триесеттина години се обидоа да воспостават еднополарен систем во кој тие ќе бидат единствениот и неприкосновен господар, но, распостилајќи ја својата економска и воена моќ насекаде низ светот, изгледајќи се’ помоќни, стануваа се’ послаби и покршливи. Самобендисаната надворешна политика на длабоката држава на Клинтон и Обама, која трпеше само порази во своите воени интервенции, се наоѓаше пред можна катастрофа, која ја спречи доаѓањето на Доналд Трамп на чело на САД. Тој, под мотото „Да ја направиме Америка повторно моќна“, започна со ревитализација на американската индустрија и економија, воспостави нови правила во трговската размена со остатокот од светот, во интерес на внатрешна консолидација. На надворешен план, го призна Ерусалим за главен град на Израел, воено ја напушта Сирија, се обидува да постигне договор со Северна Кореја и, преку кризата во Венецуела, се обидува повторно да влезе во Јужна Америка, која ја смета за back yard на САД. Со тоа, Трамп, јасно ги определува приоритетите на својата надворешна политика чекајќи ја новата „Јалта“.
  2. Руската Федерација, која според стратегијата на Збигњев Бжежински и Ватиканската доктрина за историска средба на исламот и католицизмот, досега требаше да биде збришана или сведена на немоќна државичка. Со доаѓањето на Путин, Руската Федерација, заедно со Кина, Индија, Бразил и Јужноафриканската Република, го создадоа по малку заборавениот Брикс, како моќен економски сојуз; оствари политичка, но и воена соработка со Иран и со Турција, презеде воена и политичка иницијатива во Сирија, но и го зацврсти своето воено и политичко, вековно пријателство со Србија, но, за првпат и западно од Дрина, преку Република Српска. Со тоа, Руската Федерација, недвосмислено се позиционира како втор преговарач и јасно ги определи своите приоритети во надворешната политика, чекајќи ја новата „Јалта“.
  3. Република Кина, која, преку мотото за една држава со два системи, го врати во своја сопственост еден од светските финансиски центри, Хонг Конг, работи на враќање на Тајван на матицата земја, продава евтини кредити низ целиот свет и купува пристаништа и важни точки како оние во Грција, гради транспортни коридори за пласман на своите стоки и, со тоа, како економски џин, иако воено и политички се уште недорасната, си го обезбеди своето место за преговарач и, јасно ги определи своите, пред се’, економски приоритети, чекајќи ја новата „Јалта“.
  4. Четвртиот преговарач, на изненадување на многумани, ќе биде Велика Британија. Иако со реално изгубена економска, политичка и воена моќ, во својата длабока старост, Британија, заради возобновените хормони на империјализам и колонијализам во својот нов пубертет, а и од потребата за еден сигурен партнер на страната на САД, ќе седне во преговарачката соба. Лондон, ако некому до сега не му беше јасно, токму заради тоа и го започна својот Брегзит. Лондон, колку и да изгледаше неразумно, ја започна разделбата со Европската Унија, за да може да биде релевантен политички субјект во преговорите токму за иднината на таа иста Европска Унија и Европскиот континент во целост. Можеби без целосно дефинирани сопствени приоритети, но, секако, со цел на зајакнување на англоамериканската доминација во светот, Велика Британија ја чека новата „Јалта“.

За жал, заради корумпираните политичари кои, како никој и ништо во сопствените држави, доаѓаат на чело на ЕУ; заради нивниот отпор ЕУ да се трансформира во Сојуз на суверени држави; заради двојните стандарди кои ги спроведуваат внатре во Унијата, а посебно кон земјите аспиранти за членки, како примерот со Македонија, но и во решавање на кризите ширум светот; заради потчинетоста кон воените интереси на САД и НАТО, со што беспотребно Европа се стави на „линијата на огнот“, поставувајќи антиракетни штитови кон замислени, а не кон вистинските непријатели; заради прифаќањето на наметнатата мигрантска криза како своја реалност, која веќе ја подели ЕУ; заради јаловата европска десница и глобалистички зомбираната левица и, заради уште многу други нешта, Европската Унија, а со тоа и европскиот континент, наместо субјект во собата за преговори, одново ќе биде објект на софрата на „големите сили“. Објект чија судбина ќе се решава.

Во сето ова, судбината на малите европски држави ќе се решава на распосланата мапа во собата за преговори. Секој од преговарачите ќе бара и ќе инсистира на реализација на сопствените безбедносни, политички и економски интереси, но, донекаде и интересите на европските држави, нивни стратегиски партнери. Токму затоа, и најмалите европски држави имаат изградено сопствена стратегија во меѓународните односи и, секоја од нив, се обидува да се вгради во стратегијата на еден од утрешните преговарачи. Со тоа, се надеваат дека утре задутре ќе се најдат во сферата на интерес на еден од преговарачите кој самите го одбрале за свој стратегиски партнер, но, во заштита на интересот кој и тие самите го зацртале како сопствен национален и државен приоритет.

За жал, Република Македонија, прифаќајќи инсталирање на незаконска и нелегитимна влада под притисок на корумпираните политичари од ЕУ, својата судбина ја стави во рацете на оној чии раце се врзани, во рацете на оној за чија судбина ќе се расправа, во рацете на Европската Унија, чија поделба е се’ поочигледна. Така, ставајќи ја судбината на државава во рацете на еден шарлатан од типот на Јункер, политичар со трипроцентна поддршка во сопствената држава од типот на Могерини или Туск, корумпирани послушници на американската длабока држава од типот на Хан, ревизионисти на фашистичката историја од типот на Антонио Тајани, Република Македонија останува без ниту еден од преговарачите чии интереси барем малку би ги заштитиле и македонските национални и државни приоритети. Ова, триж повеќе, што, за жал, освен членство во ЕУ и НАТО, шарлатански прикажувано како национален и државен интерес, а, всушност, членството само по себе претставува само политичка одлука на корумпираните политички елити, ние, во државава не создадовме свои приоритети и врз нив изградена национална стратегија.

На крајот, во само една реченица, сакам да го кажам она заради што е напишан текстов. Имено, во оваа година или две, додека ја чекаме новата „Јалта“, доколку, свесно или не, одработиме за уште една институција во рацете на насилно инсталираното мнозинство на СДСМ и ДУИ и овозможиме победа на нивниот „консензуален“ претседателски кандидат, судбината на државава останува во рацете на оние за чија судбина ќе се преговара. Во рацете на оние кои ќе немаат реална моќ да ја определат ниту сопствената, а не пак, нашата судбина.

Од друга страна, изборот на кандидатот од опозицијата за претседател на државата Република Македонија, ќе значи барем една институција во рацете на оние кои не се согласуваат со злото што ни е наметнато. Ќе значи можност да се чуе барем малку гласот на вистината, институционален глас во заштита на македонските национални интереси. И, мора да знаеме, дека и колку да е тивок, инстутиционалниот глас е многукратно помоќен од уште потивкиот глас на некаков најавуван бојкот. Посебно за глувите уши во собата за преговори.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес