Челниците на ЕУ повторно во фокус ги земаат имигрантите

Дводневниот редовен состанок на врвот на челниците на 28-те земји членки на Европската унија започнува во четвртокот во Брисел и на него уште еднаш една од главните теми ќе бидат миграциите со кои е зафатен европскиот континент.

Лидерите на ЕУ ќе бидат под голем притисок да покажат напредок во долготрајната расправа во самата Унија но и во остатокот од Европа за проблемот со имиграциските бранови од Блискиот исток, Африка и Азија, особено откако политичките промени во Италија и во Германија ова прашање повторно го истуркаа на врвот од дневниот ред, оценуваат аналитичарите.

Овој самит може да се покаже пресуден за Унијата, бидејќи продолжувањето на споровите околу имиграциите би можело да ги вкопа уште подлаботко веќе поделените земји членки и сериозно да му се закани на единството на Европската унија во време на сé поголемиот притисок, не само од Русија, туку и од САД, оценува германската новинска агенција DPA.

„Влоговите се многу високи, а времето е кусо“, ги предупреди челниците на земјите членки во писмо претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, порачувајќи дека „без решение за проблемот на имигрантите се соочени со шансите да бидат потиснати од радикалните и антиевропските, антилибералните и автократските сили во Европа“.

Туск предлага челниците да се усогласат околу три иницијативи: воспоставување регионални платформи за прифаќање на имигрантите надвор од ЕУ, воспоставување наменски буџет за борба против илегалната имиграција и зајакнување на соработката со земјите од коишто имигрантите потекнуваат, како и со земјите на нивниот транзит до ЕУ.

Самитот се одвива и во пресрет на истекувањето на рокот којшто на германската канцеларка Ангела Меркел ѝ го постави за постигнување договор за имигрантите на ниво на ЕУ нејзиниот традиционален децениски партнер министерот за надворешни работи Хорст Зехофер, кој најави дека на почетокот од јули ќе ги затвори германските граници за имигрантите, доколку нема европско решение, со што ќе создаде простор за пад на германската влада, по што би следувал турбулентен период и во самата партија на Меркел и најверојатно нејзино заминување од политиката.

И новата влада, составена од антиестаблишмент и евроскептичното движење и партијата од крајната десница која се противи на имиграциите, го засили политичкиот притисок во цела Европа откако почна да одбива да прифаќа бродови со имигранти коишто главно преку Либија доаѓаат до италијанските брегови, повикувајќи на радикална промена на имигрантските политики на ЕУ.

Не помалку важно прашање на самитот ќе биде и она за трговските односи по американското воведување на царините за европскиот алуминиум и челик, како и за европскиот одговор на тоа со воведувањето царини за низа американски производи.

Првпат ќе се разговара и за предологот за долгогодишен буџет на Европската унија за периодот од 2021 до 2027 година. Ќе се дискутира и за одбранбената соработка, прашањета на безбедноста и соработката со НАТО, за истапувањето на Обединетото кралство од ЕУ, а се очекува и одлука за продолжувањето на санкциите против Русија, иако повеќе премиери веќе најавија дека ќе зборуваат во прилог на нивното симнување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.