Челниците на Јунајтед одолговлекуваат со новиот договор со Мурињо

Откако на половината од сезоната во Премиер лигата Манчестер Јунајтед заостанува 13 бодови зад водечкиот лут ривал Манчестер Сити, челниците на „црвените ѓаволи“ се во дилема дали португалскиот стратег е вистинскиот избор за клубот од „Олд Трафорд“, објавија во неделата британските медиуми.

По непријатните искуства со Давид Моес и Луј ван Гал, во Манчестер Јунајтед веруваа дека сопственикот на десетина најсјајни титули во фудбалот Жозе Мурињо може да го врати клубот на врвот од англискиот фудбал.

Имено, во сите клубови коишто ги водел Португалецот никогаш не биле потребни повеќе од две сезони да го освои домашното првенство. Мурињо во летото 2016 година потпиша тригодишен договор со Јуинајтед, но сега раководството на клубот одолговлекува со потпишување на новиот договор со португалскиот тренер.

Во првата сезона воден од Мурињо, Манчестер Јунајтед заврши на шестото место во Премиер лигата, што беше делумно компензирано со освојувањето на Лигата Европа, што му овозможи на клубот да се бори со европскиот шампион во Суперкупот во дуелот во кој беше поразен во Скопје, но и сезонава да се натпреварува во Лигата на шампионите.

Иако од своето доаѓање Мурињо потроши 340 милиони евра на засилувања, Португалецот ниту оваа сезона, судејќи според сѐ, нема да ја донесе титулата шампион на Англија, бидејќи заостанувањето е многу големо. Но, доколку ја освои Лигата на шампионите, што исто така ќе биде многу тешко, челниците на Јунајтед ќе му понудат продолжување на договорот.