Челниците на Лига и Движењето пет ѕвезди постигнаа договор за оживување на коалицијата

 

Челниците на италијанските партии од чијашто коалиција стравува Европската унија, Матео Салвини на крајната десница противдоселеничката Лига и Луиџи Ди Мајо на антиестаблишмент и евроскепточното Движење пет ѕвезди постигнаа во четвртокот попладнето договор за заживување на предложената коалициска влада, со што би се избегнале нови предвремени парламентарни избори.

„Исполнети се сите услови за политичка влада меѓу Пет ѕвезди и Лига“, изјавија Ди Мајо и Салвини во заедничката изјава дадена по повеќечасовните разговори во Рим.

Џузепе Конте, политички почетник инаку универзитетски професор по граѓанско и уставно право близок на Движењето пет ѕвезди, и натаму останува изборот на коалицијата за премиер, соопштија челниците. Конте го врати мандатот во понеделникот кога италијанскиот претседател Серџо Мататерела не го прифати неговиот предлог за министер за економија 81-годишниот евроскептичен економист Паоло Савона, кој е познат во Европа по критиките на еврозоната и политиките на Германија..

Овој важен ресор сега ќе го добие Џовани Триа, помалку познат професор по економија на римскиот универзитет Тор Вергата. И тој беше критичен кон управувањето со економијата на ЕУ, но за разлика од Савона не го заговараше „планот Б“, односно подготовката на Италија за можното излегување од зоната на еврото.

„Можеби конечно успеваме, по толку пречки, напади, закани и лаги“, порача Салвини на Facebook набрзо по објавувањето на договорот. Двете водечки партии склучија заедничка програма на владата на 57 страници, претставувајќи го како амбициозен проект кој имаат намера да трае пет години, односно цел мандат. Европската унија веднаш реагираше, стравувајќи дека новата италијанска влада нема да се придржува до прописите предвидени за финансиската дисциплина.

Под претпоставка дека новата влада ќе добие согласност од претседателот Матарела, Салвини би бил министер за внатрешни работи, а Ди Мајо би го преземал новоформираното министерство настанато со спојување на министерството за труд и за индустрија во коешто се концентрира голема моќ.

Енцо Моаверо, поранешниот министер за ЕУ во технократската влада на Марио Монти, ќе биде министер за надворешни работи, а Савона би бил задоволен со месото министер за ЕУ работи.

Претседателот Серџо Матарела и поранешниот извршен директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Карло Котарели, кого го именуваше за преоден технократски премиер, ги запреа во средата своите напори за формирање на преодна влада по извештаите за новите можности за постигнување политички договор во рамките на избраната коалиција.

Лигата и Движењето пет ѕвезди најавија дека ќе го користат парламентарното мнозинство за саботирање на плановите за преодна технократска влада којашто би ја водел Котарели, што претставува чекор кој ќе ја приближи Италија до нови избори коишто би се одржале оваа есен и коишто речиси сигурно ќе го засилија партиите кои се против ЕУ.

Една од намерите на Матарела со именувањето на Котарели беше да се примират вознемирените пазари, имајќи предвид дека политичката криза во Италија, третата според обемот економија во еврозона го зголеми ризикот од финансиска криза.