Челникот на BioNTech: Можеби ќе биде потребна нова вакцина против коронавирусот во 2022-ра

EPA-EFE/BERND VON JUTRCZENKA / POOL

Во моментов нема потреба од употреба на нови вакцини против коронавирусот, но на светот можеби ќе му бидат потребни следната година, проценува Угур Шахин, извршен директор и коосновач на германската биотехнолошка лабораторија „BioNTech“ која заедно со американската фармацевтска компанија „Pfizer“ ја направија вакцината против Covid-19 базирана на новата технологија на иформациска рибонуклеинска киселина mRNK.

„Оваа година нема потреба (од нови вакцини). Меѓутоа, до средината на следната годин, ситуацијата може да биде поинаква“, вели Шахин во интервјуто објавено во неделата во британскиот неделник Тhe Financial Times.

Според него, соевите на коронавирусот коишто во моментов циркулираат во светот, вклучително и доминантниот сега делта сој, се позаразни од неговата изворна варијанта, но тие не се разликуваат толку многу од него, што значително влијае врз ефикасноста на вакцините кои се во употреба сега.

Но истовремено постои голема веројатност дека во иднина ќе се појават соеви кои можата да го „измамат“ имунолошкиот систем, што ќе бара развој на нови препарати.

„Овој вирус со нас е веќе долго време и ќе продолжи да се прилагодува на постоечките услови. Немаме причини да веруваме дека на имунолошкиот систем ќе му биде полесно да се справи со следната генерација на короавирусот, отколку со сегашната. Еволуцијата (на вирусот) е во тек, и овој процес штотуку почна“, предупредува Шахин.

Во една од своите претходни изјави на оваа тема, Шехин рече дека ќе бидат потребни стотина дена неговата компанија и американскиот партнер да развијат нова вакцина којашто би била ефикасна и против новопојавените варијанти на коронавирусот.

До денес околу 1,4 милијарди дози од вакцината на „Pfizer/BioNTech“ се испорачани во 120 земји во свеот, а вредноста на „BioNTech“ сега се проценива на 85 милијарди американски долари.

Во март годинава Угур Шахин и Озлем Туречи, неговатра сопруга и соосновач и директор за медицински истражувања во „BioNTech“, чии семејства имигрирале од Турција во Германија на детска возраст беа наградени со орденот За заслуги за Сојузна Република Германија, единствениот сојузен германски орден. Со него се наградуваат жители на Германија и странски државјани за особени заслуги за земјата во областа на политиката и економијата, како и во социјалната, духовната и хуманитарната сфера.