Челси ја освои Лигата на шампионите

Пред 14.100 гледачи (официјално од УЕФА) на велелепниот „Драгао“ во Порто, Челси со маестрална тактика поставена од Томас Тухел, заслужено по втор пат во историјата ја освои титулата во Лига на шампиони. Првпат после 2012-та година и десантот во Минхен на Дрогба.

Фантастичниот Томас Тухел кој блескаше како тренер на Борусија Дортмунд и ПСЖ, вечерва успеа да го надмудри големиот Пеп Гвардиола кој експериментираше во финалето без класичен последен играч за врска и без класичен шпиц. На тој начин Сити не го одигра оној фудбал кој го играше целата сезона и благодарение на кој убедливо стигна до шампионска титула во Премиер лига.

Уште од самиот старт на мечот ритамот беше на највисоко ниво. После неколку полу-контри, сериозни шанси за отворање на резултатот ги имаа Стерлинг и Тимо Вернер (две фини прилики).

Најдобрата шанса Манчестер Сити во првиот дел ја имаше во 27′ минута кога Де Брујне со одличен пас го пронајде Фил Фоден а овој експресно шутираше но Рудигер стигна на време да го блокира.

Во 37′ минута теренот мораше да го напушти бразилскиот стопер Тиаго Силва поради повреда (влезе Андрес Кристенсен).

Само пет минути подоцна Челси поведе. Мејсон Маунт на неверојатен начин „сними“ дупка во одбраната на „граѓаните“ и го пронајде Кај Хаверц со топка на 40-ина метри. Германскиот репрезентативец стигна пред голманот Едерсон до топкат, го дрибна и лесно поентираше за 1-0:

Во вториот дел Сити тргна офанзивно на сè или нешто но без шансите кои вообичаено лесно ги создаваат во англиското првенство.

На другата страна „сините“ чекаа прилика да го нокаутираат ривалот од Премиер лига и за малку не ја дочекаа во 73′ минута кога Кристијан Пулишиќ промаши идеална шанса еден-на-еден со Едерсон.

Пеп проба со Серхио Агуеро но Челси се одбрани и заслужено ја освои Лигата на шампиони, по втор пат во клупската историја.