Челзи го потврди трансферот на Тимо Вернер

Тимо Вернер, РБ Лајпциг

Германскиот 24-годишен репрезентативен напаѓач и играч на РБ Лајпциг, Тимо Вернер, од следната сезона ќе игра за англискиот премиерлигаш Челзи, потврди во четвртокот лондонскиот клуб во објава на својот интернет портал.

Официјалното преминување во новиот клуб Вернер ќе го оствари во јули, кога ќе мора да мине и лекарски прегледи.

„Одушевен сум што ќе потпишам за Челзи, исклучително сум горд што доаѓам во овој голем клуб“, изјави напаѓачот на РБ Лајпциг во официјалната писмена изјава во која им се заблагодарува на досегашниот свој клуб и на навивачите за „фантастичните четири години“ кои ги мина таму. „Засекогаш ќе останат во моето срце“, им порача Вернер на сегашните соиграчи, сите вработени во клубот и навивачите.

Тимо Вернер до крајот на сезоната во Бундеслигата, каде останаа уште две кола, ќе настапи за РБ Лајпциг во чиј дрес оваа сезона постигна 32 погодока во 43 официјални настапи и е убедливо најдобриот стрелец, а има и 13 асистенции.

Финансиските детали од трансферот не се наведени во соопштението на лондонскиот клуб, но британските медиуми наведуваат дека Челзи ја активирал излезната клаузула од договорот на Вернер со РБ Лајпциг, којашто изнесува 50 милиони евра.

„Се радувам на новата сезона со новите соиграчи, новиот тренер и навивачите на Челзи. Пред сите нас е многу успешна иднина“, порача Вернер кој долго беше цел и на Ливерпул, но Челзи беше поуспешен во преговорите.

„Многу сме возбудени што Тимо Вернер го избра Челзи. Тој е многу ценет играч во Европа, што не зачудува имајќи предвид дека станува збор за многу ретка мешавина на млад и возбудлив играч кој воедно и е докажан“, изјави директорката на лондонскиот клуб, Марина Грановскаја.

Вернер сениорската кариера ја започна во Штутгарт, а од 2016 година настапува за РБ Лајпциг за кој во сите натпреварувања постигнал вкупно 93 погодоци со 40 асистенции.

Со голема помош на Вернер, РБ Лајциг годинава стаса до четвртфиналето во Лигата на шампионите. Годинешната завршница ќе биде организирана во турнирски формат „Финалните 8“ во август, а сите натпревари ќе бидат одиграни на два стадиона во Лисабон. РБ Лајпциг на турнирот ќе настапи без Вернер, а доколку Челзи со некое чудо направи пресврт по заостанувањето од 0:3 од првиот осминафинален дуел против Баерн, Германецот нема да може да игра во четврфиналето ниту за својот нов клуб.