Челзи го позајми Лукаку на Интер за следната сезона

Белгискиот напаѓач Ромелу Лукаку за следната сезона ќе му биде позајмен на милански Интер, потврди во средата вечерта неговиот сегашен клуб Челзи.

Лукаку во Интер имаше одлична сезона 2020/2021 а потоа реши да се врати во Премиер лигата и Челзи, кој го доведе уште во 2011 година од белгиски Андерлехт како талентиран 18-годишник.

Враќањето на Лукаку на „Сан Сиро“ го потврди и Интер со кратка видео-порака во која белгискиот фудбалер рече дека е „многу среќен“, а потоа „Нераѕурите“ му посакаа добредојде преку Twitter.

Но финансиските услови од договорот не се објавени, а договорот со Челзи му важи до 30-ти јуни 2026 година.

Поранешните информации во островските медиуми велеа дека Интер на Челзи ќе му плати 8 милиони евра за едногодишниот аранжман. Во лондонскиот премиерлигаш првични барале поголема сума, но истовремено сакале и да се отарасат од платниот список на еден од најплатените играчи во клубот.

Лукаку минатото лето, откако со Интер ја освои титулата во Италија, премина во Челзи во трансферот кој чинеше 113 милиони евра. Но во англискиот тим одигра под очекувањата, постигна само 15 голови, од кои осум во Премиер лигата.

За разлика од англиската Премиер лига, Лукаку во италијанската Серија А играше во одлична форма и во двете сезони од 2019 до 2021 година постигна 64 погодоци.