Челзи со пресврт во финишот до победа над Арсенал

Во дербито на 20-то коло на англиското фудбалско првенство Челзи на гостувањето го победи Арсенал со 2:1, правејќи пресврт на резултатот во последните десет минути од дуелот.

Ова беше првиот натпревар во кој Челзи доаѓа до победaта против Арсенал откако на полувремето има резултатско заостанување. Во досегашните 15 вакви ситуации, Арсенал славел 12 пати, а три натпревара завршиле без победник.

Домашните поведоа во 13 минута со голот на Пјер-Еммерик Обамејанг и сѐ до 83 минута „Топчиите“ го одржуваа водството. Но тогаш Бернд Лено со катастрофална реакција им подари погодоко на гостите. Мејсон Маунт нафрли од слободен удар, а Лено се обиде да ја боксува топката но ја промаши, па Жоргињо го искористи подарокот погодувајќи ја празната мрежа за 1:1. Четири минути подоцна гостите изведоа брз противнапад кој со својот 12-ти гол сезонава го заврши Теми Ејбрахам.

На првенствената табела Челзи моментално е четврти со 35 бодови, а Арсенал е на 12-то место со 24 бодови.

Интересно е и што ова беше четврти последователен пораз на „Топчиите“ во сите натпреварувања, што не им се случило од 1959 година. Покрај тоа, Арсенал прима најмалку два погодока во последните пет мечеви во сите натпреварувањеа што е нивен најлош резултат од 1965 година.

Средбата беше втората која Арсенал го водеше 37-годишниот Шпанец Микел Артета, кој претходно настапуваше за лондонскиот клуб од 2011 до 2016 година, а по завршувањето на кариерата беше дел од стручниот тим на Пеп Гвардиола во Манчестер Сити. Во првиот меч под водство на Артета, Арсенал одигра без победник со Борнмут (1:1).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.