Челзи во финалето на ФА Купот против Арсенал

Во годинешното финале на англискиот ФА Куп ќе се сретнат двата лондонски ривала Челзи и Арсенал, откако „Сините“ во второто полуфинале во неделата на „Вембли“ со убедливи 3:1 го совладаа Манчестер Јунајтед.

Челзи поведе во 11-та минута од судиското продолжение на првото полувреме, а стрелец од непосредна близина беше Оливие Жиру на нафрлување од Аспиликуета. Веќе во втората минута од второто поливреме, вкупно во 47 минута, водството на Челзи го удвои Мејсон Маунт, кој пресече додавање на 40 метри од голот на Јунајтед и самиот ја заврши акцијата со удар од 20-ина метри, кој мина низ рацете на Давид Де Хеа. Во 74 минута капитенот на „Црвените ѓаволи“ Хари Мегваер со несреќна реакција ја смести топката во сопствената мрежа. Почесниот погодок за Јунајтед го постигна Бруно Фернандеш од пенал во 85 минута.

Првото полувреме имаше голем прекин поради тешката повреда на бекот на Јунајтед, Ерик Баји, здобиена во сударот со глави со Мегваер. Десетина минути на играчот му беше укажувана лекарска помош на теренот, по што беше изнесен од игралиштетот на носилки и со кислородна маска. Поради прекинот првото полувреме беше продолжено за 13 минути.

До оваа победа Челзи немаше победа над Манчестер Јунајтед во последните шест средби во сите натпреварувања, кога забележа две ремија и четири порази. Последната претходна победа на Челзи над Јунајтед беше на 19-ти мај 2018 година, исто така во ФА Купот, кога „Сините“ победија со 1:0 во финалниот меч и го освоија по осми пат.

Купот на Англија (ФА Купот) е најстарото фудбалско натпреварување во светот. Челзи во историјата се пласирал 14-ти пати во финалето и според тој показател се израмни со Ливерпул.

Финалниот меч годинава ќе се одигра на 1-ви август на „Вембли“. Арсенал, кој во саботата го победи со 2:0 Манчестер Сити, е рекордер според пласманите во финалето – 21 пат, во кои дошол до 13 титули, наспроти осумте на Челзи.

Арсенал последен пат го освои овој трофеј во 2017, а Челзи во 2018 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.