Червар: Никому нема да му биде лесно со Македонија

Јануари вообичаено е резервиран за големо ракометно натпреварување, па така годинава го имаме Европското првенство во Унгарија и Словачка од кое дел ќе биде и Македонија.

Некогашниот македонски селектор и поранешен тренер на Металург, трофејниот Лино Червар, смета дека на никому нема да му биде лесно со Македонија предводена од Лазаров.

„Јас искрено ја поддржувам мојата втора татковина Македонија. Мораме да бидеме објективни, македонската репрезентација минува низ промени, се случува смена на генерации. Тимот го предводи Кире Лазаров, најголема легенда во државата. Тоа е човек што го сакам и почитувам. Сите мора да го следат неговиот пример, тој е голем човек кој се грижи за се, блазе си им на оние што ќе имаат можност да работат со него. Тој е вистински идол, ракометар, пример како еден спортист треба да игра на терен и да се однесува надвор од него. Иако рано влезе во тренерски води, мислам дека има голем квалитет и тоа ќе го покаже. На никого нема да му биде лесно со Македонија, ниту на Словенија, ниту на Црна Гора, па ни на Данска, која веќе еднаш загуби од Македонија во квалификациите за овој шампионат“, истакна Лино за Моцарт Спорт.

Хрватскиот стратег воедно смета дека нема фаворит за златото на престојното Европското првенство.

„Целиот свет живее во неизвесност поради пандемијата и таа може да ви ги одземе играчите во секој момент. Тешко е да се зборува за фаворити. На хартија, тоа се Данска, Франција, Шведска и Шпанија. Но, никој не е комплетен. Затоа на сите им посакувам пред се здравје и се надевам дека на ова ЕП ќе гледаме добар и квалитетен ракомет. Па, нека победи најдобриот, –порача Червар.