Чешка, Полска, Словачка и Унгарија бараат ЕУ да ги почне преговорите со Скопје и Тирана

35

Со заедничко отворено писмо насловено „Да го придвижиме Западен Балкан напред“, шефовите на дипломатиите на Чешка, Полска, Словачка и Унгарија, бараат ЕУ да донесе смела одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

– Северна Македонија и Албанија ги исполнија клучните критериуми што ги постави ЕУ спроведувајќи комплексни домашни реформи. Дополнително, Северна Македонија го склучи историскиот Преспански договор со Грција, со што беше надминат долгогодишнит спор околу името на државата, пишуваат во заедничкото писмо објавено во „Политико“ чешкиот министер за надворешни работи Томаш Петричек, полскиот Јацек Чапутович, унгарскиот Петар Сијарто и шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак.

Тие нагласуваат дека поради постигнатиот импресивен напредок, ЕК во мај годинава даде безсусловна препорака за старт на преговорите со двете земји, но сепак Скопје и Тирана се уште чекаат зелено светло од државите членки на ЕУ.

– Почетокот на преговорите е важен чекор на патот кон приклучување во ЕУ, но само по себе не значи и членство. Евроинтеграцијата зависи од исполнувањето на критериумите поставени од Унијата, чија цел е да им помогне на земјите од Западен Балкан да се реформираат, да се подготват за членство и да го подобрат животот на своите граѓани. Тоа е исто така и заеднички стратешки избор на ЕУ и нејзините партнери во регионот.  Вклучувањето на Западен Балкан во ЕУ е од политички, економски и безбедносен интерес на Унијата. наведуваат минситрите.

Укажуваат дека преговорите се долготраен процес што ќе и даде доволно можности на ЕУ да ги провери реформите што ги спроведуваат државите кандидати, вклучувајќи го и клучниот критериум – владеење на правото.

– Северна Македонија и Албанија со нетрпение чекаат почеток на нова фаза од процесот на интеграција во ЕУ. Време е да се донесе смела одлука за иднината не само на овие две земји, туку и на целиот Западен Балкан и ЕУ. Позитивната одлука ќе испрати јасен сигнал дека ЕУ признава конкретни резултати во исполнувањето на условите што ги поставува. Тоа ќе значи дополнителен импулс  за целиот регион за продолжување на реформите и трансформацијата. Со отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, ЕУ ќе ги реафирмира своите заложби за стабилност, безбедност, демократија и просперитет на регионот. Исто така ќе го признае и потврди фактот дека само преку интеграција на Западниот Балкан, ЕУ ќе биде комплетна, а нејзините интереси долгорочно заштитени, оценуваат министерит за надворешни работи на Чешка, Полска, Унгарија и Словачка.

Петричек, Сијарто, Чапутович и Лајчак во заедничкото отворено писмо констатираат дека одлуката за преговори се носи во време кога ЕУ се соочува со бројни предизвици како што се Брегзит, миграцијата, стапувањето на должност на новата Европска комисија, но овие прашања, како што нагласуваат, не смеат „да ја оддалечуваат ЕУ од она што успеа да го постигнат на Западниот Балкан и таа мора да остане посветена на обврските што ги презема кон регионот“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.