Чешката влада го преживеа гласањето за доверба сред претседавањето со ЕУ

Либерално-конзервативната влада на Чешката Република предводена од премиерот Петр Фиала го преживеа во петокот гласањето за доверба во парламентот.

Гласањето, коешто следеше по 22 часовна бурна парламентарна дискусија, се одржа на средината од шестмесечното чешко претседавање со Европската унија до крајот на годината.

Недовербата на чешката влада, која е на власт од ланскиот ноември, искажале само 84 пратеници од потребниот 101 глас за уривање на владата.

Освен растот на цените на енергијата што влијае на сите европски економии и на стабилноста на националните влади, опозицијата го наведуваше и корупцискиот скандал околу управата за јавниот сообраќај во главниот град Прага. Членовите на партијата којашто ја води министерот за внатрешни работи Вит Ракусан се обвинети за вмешаност во скандалот. Фиала во текот на дискусиите изрази целосна поддршка за целиот свој кабинет.

Поранешниот премиер Андреј Бабиш ја обвини владата дека е „влада на националната катастрофа“, предупредувајќи на социјални немири во заднината на растечките цени на енергијата. За Бабиш, кој важи за контроверзен милијардер со словачко потекло, се предвидува дека е сигурен наследник на Милош Земан на претседателските избори во јануари.

На влада во Чешка недоверба ѝ е изгласана во 2009 година, последниот пат кога земјата исто така претседаваше со ЕУ. Тогаш до изборите должноста ја презема преодната влада.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.