Честитка од Џафери до српската заедница по повод празникот Свети Сава

Претседателот на Собранието Талат Џафери од свое лично име и од име на пратениците упатам честитки по повод Св. Сава – националниот празник на српската заедница во Република Северна Македонија.

-Верувам дека овој празник, кој што воедно е и неработен ден за граѓаните на српската заедница во Република Северна Македонија, ќе го поминете опкружени со луѓе кои ви се драги и блиски, кои ве почитуваат Вас, го почитуваат празникот и ликот и делото на Св. Сава, како прв српски архиепископ кој што оставил неповторлив белег во растот и развојот на духовниот живот на српската заедница, меѓутоа и на писменоста како трајна вредност, наведува Џафери.

Упатувајќи желби за убав празничен ден, поминат во мир, спокој и семејна благосостојба, тој посочува дека земјава е пример за тоа како се гради соживот меѓу различни етнички заедници со взаемна почит и разбирање.

-Република Северна Македонија, нашиот заеднички дом, е земјата во која сите ги изразуваме нашите посебности најдобро што можеме и во хармонија со сите други заедници, со взаемна почит и разбирање. Тоа е единствениот начин за опстанок, напредок и безбедност за сите што сме дел од оваа заедница која колку и да е млада, сепак се посочува како пример за тоа како се гради соживот. Тоа е заслуга на сите нас и затоа изразувам висока почит, се наведува во честитката од Џафери.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.