Четири гола на Агуеро во „петката“ на Сити

Водечката екипа во фудбалскиот шампионат на Англија, Манчестер Сити во последниот меч од саботната програма на 27-то коло на свој терен го совлада со 5:1 (1:1) Лестер Сити зголемувајќи ја разликата од најблискиот конкурент, градскиот ривал Манчестер Јунајтед на 16 бодови.

Сити поведе на самиот почеток на дуелот преки Раким Стерлинг во 3 минута, но Џејми Варди кон средината на првото полувреме, во 24 минута , ја искористи големата грешка на домашната одбрана и го израмни резултатот, што претставуваше исход од првото полувреме. И вториот дел започна со рано водство на Сити, а овој пат во 48 минута стрелец беше Серхио Агуеро. Сепак, Лестер не можеше да го повтори првото полувреме, а грешките на неговите одбранбени играчи немилосрдно ги казни Агуеро со головите во 53, 77 и 90 минута, за конечните 5:1.

Во првиот меч од саботната програма во дербито на северен Лондон, Тотенхем со голот на Хари Кејн во 49 минута на „Вембли“ пред 83.222 гледачи го совлада Арсенал кој практично не создаде ниедна сериозна шанса на целиот меч.

Тотенхем по оваа победа скокна на третото место со 52 бода, додека Арсенал остана шести со 45 бодови, шест помалку од Ливепрул кој е на четвртата позиција, последната којашто води во Лигата на шампионите, а „редсите“ имаат и меч помалку.

Фудбалерите на Евертон на својот „Гудисон Парк“ со 3:1 (0:0) го совладаа Кристал Палас и се зацврстија во горната половина од табелата, на деветтото место. Сите погодоци беа постигнати во второто полувреме, а Евертон поведе со 3:0 преку Сигурдсон во 46, Ниејсе во 51 и Дејвис во 75 минута, додека почесниот гол за Кристал Палас го постигна Миливојевиќ од пенал во 83 минута.

Евертон сега има 34 бодови, еден помалку од осмиот Лестер Сити и два помалку од седмиот Барнли, додека Кристал Палас е на 14-то место со 27 бодови.

Важна победа во борбата за опстанок оствари Вест Хем Јунајтед кој со 2:0, со головите на Ернандез во 38 и Арнаутовиќ во 78 минута го надигра Ватфорд. Вест Хем е сега 12-ти со 30 со што се изедначи со Ватфорд кој е место погоре.

Надежи дека и следната година повторно ќе игра во Премиершип има и Свонси Сити кој со голот Ки Сунг-јуенг во 81 минута беше подобар од Барнли. Свонси по последните неколку кола побегна од зоната на испаѓање и сега е на 15-то место со 27 бодов, додека Барнли е безбеден на високата седма позиција со 36 бодови.

Стоук Сити ги подели бодовите со дебитантот Брајтон едн Хоув Албион, а јунак на гостите беше голманот Ријан кој му одбрани пенал на Чарли Адам во 90 минута. Гостите поведоа преки Извиердо во 32, а израмни Шаќири во 68 минута. Стоук Сити остана на 18-место со 25 бодови, додека Брајтон има три бода повеќе и на 13-то место.