Четири лица нападнати со нож, на маж одгризено уво на протестите во Хонгконг

Најмалку четири лица се повредени во неделата во напад со нож на протестите во Хонгконг, а на едно од нив му е одгризен дел од увото, пренесуваат медиумите.

Нападот се случил во трговскиот центар „Cityplaza“ во округот Таи Коо на островот Хонгонг, каде што во неделата се одржува уште еден во низата протести против владата на овој кинески автономен регион.

На еден маж засега неидентификуван напаѓач му одгризел дел од увото. Според порталот Hong Kong Free Press, кој е критичен кон владата во Хонконг и централната во Пекинг, напаѓачот наводно бил провладин приврзаник.

Масовните протести кои започнаа пред пет месеци не ослабуваат и демонстрантите се противат на наводното мешање на матицата Кина во политичките состојби во Хонгконг, како што тврдат, надвор од гарантираното откако оваа поранешна британска колонија се врати во составот на земјата во 1997 година. Официјален Пекинг ги отфрла овие тврдења како неосновани, и предупредува дека станува збор за активности кои се поттикнати од Западот.

Демонстрантите и во неделата демолираа згради кои им припаѓаат на компании чии седишта се во други делови од Кина или кои тие ги доживуваат како наклонети на Пекинг, вклучително и кинеската новинска агенција Xinhua, чие дописништво беше уништено. Нападот врз претставништвото на агенцијата се доживува како досега најголема провокација упатена кон Пекинг.

За неделата попладнето се планирани големи протести, иако некои од протестните групи повикаа само на одржување протестни маршеви во неколку квартови. Пиолицијата протестите во саботата попладнето ги растури со солзавец, гумени куршуми и водени топови, а во текот на ноќта приведени се повеќе од 200 луѓе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.