Четири медали за македонски математичари на Јуниорската балканска математичка олимпијада

Македонски тим математичари освои четири медали на Јуниорската балканска математичка олимпијада (ЈБМО) 2022 која се одржа во Сараево од 28 јуни до 3 јули.

Како што соопшти Сојузот на математичари на Македонија, Дамјан Давков освои златен медал, Леонид Тодороски – сребрен медал, а Димитар Фидановски и Марко Митевски освоија бронзени медали.

На ЈБМО 2022 успешно учествуваа и Марко Серафимовски и Нина Ламева. Дамјан Давков го освои златниот медал со максимален број бодови. Ова е најголем успех во последните десетина години, информира Сојузот на математичари.