Четири НБА клубови во петок може да почнат со тренинзи

Кошаркарите на некои од клубовите во американската НБА лига во петок ќе може да започнат со индивидуални тренинзи во салите, но само во оние градови каде што локалните власти ги ублажија рестриктивните мерки за справувањето со епидемијата од коронавирусот.

Весникот USA Today објави дека засега тоа ќе им биде овозможено само на играчите на Денвер Нагетс, Портланд Трејл Блејзерс, Хјустон Рокитс и Кливленд Кавалирс.

Кошаркарите ќе може да тренираат во помали групи, на паркетот ќе може истовремено да бидат четворица играчи, нема да можат да ја додаваат топката еден на друг, секој ќе шутира на свој кош и засега на тренинзите нема да биде присутен тренерот.

Сезоната во НБА лигата е суспендирана поради пандемијата од коронавирусот од 11-ти март, а засега нема никави најави и предвидувања кога и како ќе биде продолжено натпреварувањето.