Четири Оскари нема да се доделуваат во текот на рекламите во директниот пренос

Организаторите на свеченоста на доделувањето на најпрестижните филмски награди Оскарите се откажаа во петокот од намерата четири од наградите да бидат доделени во текот на емитувањето на рекламите во директниот телевизиски пренос на 24-ти февруари, откако на тоа се спротиставија познати холивудски режисери и актери, како и други филмски работници.

Американската Академија за филмската уметност и науки соопшти дека „примила повратни информации“ од своите членови, како и дека сите 24 награди ќе бидат претставени во директниот пренос.

Претходно седмицава, Академијата објави дека Оскарите за најдобра конематографија, монтажа, кус филм и шминка/фризура, ќе бидат претставени во текот на рекламите во телевизискиот пренос на свеченоста, а оти говорите на добитниците ќе бидат емитирани подоцна во директниот пренос.

Со тоа, како што беше појаснето, се сакало преносот од доделувањето на Оскарите да биде покус, имајќи предвид дека гледаноста на минатогодишната церемонија го достигна најниското ниво во поновата историја.

Меѓутоа, во отвореното писмо, коешто меѓу другите го потпишале и режисерите Мартин Скорсезе и Спајк Ли, актерите Роберт де Ниро и Џорџ Клуни, како и повеќе од 50 други познати холивудски имиња, Академијата е обвинета дека овие важни занаети во филмската индустрија ги става во подредена позиција и ги навредува професионалците кои се занимаваат со нив.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.